Македонската култура има што да каже не само тука, туку и во ЕУ – истакна евроамбасадорот Дејвид Гир
„Раѓање на зборот“, името на песната од Ацо Шопов, е слоганот кој симболично ја доловува непроценлива вредност на јазикот, на творењето, зашто зборот се раѓа напишан, слушнат или прочитан. Колку само раѓања на зборот имаме во романите со чии наслови се украсени прозорците на Europe House Скопје, во чест на 21 Февруари – Денот на мајчиниот јазик, истакна Ана Зафирова, модераторка на дебатата под наслов „Заштита и промоција на мајчиниот јазик преку литературата“. Таа е втора од серијалот #Culture Talks” што се одржа во Europe House Скопје. Ова е симболичен почеток на постојана тематска серија на Делегацијата на Европската Унија и Europe House Скопје, со фокус на македонскиот јазик и литература.

Преку поддршката за издавање и превод на македонски јазик на 420 романи од европски писатели преку програмата „Креативна Европа“, Делегацијата на ЕУ низа години дава поддршка за нашиот мајчин јазик. Поддршката понатаму се реализира преку Наградата за најдобар млад преведувач ВАВИЛОН, која се доделува 10 години; преку поддршката за домашни литературни фестивали, многубројни промоции на книги, Читателскиот клуб на Europe House, македонските лауреати на Европската награда за литература…
Делегацијата на ЕУ и Europe House планираат да се придружат кон одбележувањето на годишнините што се слават во 2023 година на некои од најголемите авторски имиња што твореле на македонски – Ацо Шопов, Кочо Рацин, Блаже Конески, годишнината од издавањето на „За македонцките работи“ од Крсте П. Мисирков, како и роденденот на Институтот за македонски јазик што го носи неговото име. Ќе се организира и патувачки читателски клуб, серија активности развиени наменски за социјалните медиуми, како и веб-содржини со овој фокус и други изненадувања.

На дебатата учествуваа: амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ; министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска; проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и директор на Семинарот за македонски јазик, литература и култура; Петар Андоновски, писател и лауреат на Европската награда за литература; и Дејан Василевски, лектор по македонски јазик.
За мене, англискиот јазик е ист како што за вас е вашиот мајчин јазик. Тоа е лична врска, истакна амбасадорот Гир.
– Во нашиот дом се зборуваше само англиски. Се сеќавам како учев одредени зборови, како погрешно користев одредени зборови и тоа значи дека имам многу лична врска со јазикот. Англискиот, како и секој друг јазик, е работа на уметност, на археологија, на историја, антропологија. Јас студирав литература и право, и двете науки се во врска со јазикот. Јазикот е важен лично и колективно. Англискиот има дополнителна предност што е заеднички јазик за многу земји, а интересно е тоа што има многу видови англиски и сите се рамноправни.
Како голем чекор во заштитата на мајчиниот јазик беше истакнат проектот за дигитализација на досиејата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Министерката Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство што македонскиот јазик е признаен како официјален во Европската Унија. Додаде дека покрај значајните јубилеи годинава, една од најважните работи е што треба конечно да се донесе и новиот Закон за употреба на македонскиот јазик. Таа се осврна и на поддршката на манифестациите што имаат огромно значење за промоцијата на нашиот јазик, како што се Струшките вечери на поезијата и Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Таа потсети дека годинава поддршка добиле 500 наслови на близу 40 манифестации во издавачката дејност. Како позитивен пример ја истакна соработката со театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде што со конкурс во наредните четири години ќе се поттикне домашното творештво. И 60. издание на фестивалот ќе биде целосно со македонски драми поставени од македонски режисери.

Весна Мојсова-Чепишевска нè потсети дека нашата литература опстојува низ минатото без разлика колку бил негиран јазикот. Таа потсети дека нашата држава има десет лекторати, кои имаат образовна и едукативна цел, но остваруваат функција и на културна дипломатија. Посочи и дека состојбата не е розова, но не е ни лоша и дека има напори да се отворат лекторати и во Турција и во Кина. За писателите, пак, истакна дека се добра армија која го чува јазикот, а преку преводот тие стануваат европски автори.
Писателот Петар Андоновски истакна дека не може целата борба да падне на грижата на поединци, туку за тоа повеќе треба да направи државата. Тој посочи дека ни е неопходна Агенција за книга што ќе работи за афирмација на македонската книжевност во светот. Во Министерството имаме оддел што финансира преводи, но недоволно издавачи ја знаат таа можност.

Лекторот Дејан Василевски ги сподели своите искуства во однос на примената на македонскиот јазик, истакнувајќи дека треба да се обрне посебно внимание на примената на јазикот во медиумите. Според него, македонските автори се трудат да пишуваат литературно. За преводите, примената е послаба, истакна тој.
Македонската книжевност може многу да ѝ понуди на Европската Унија. Ваквите настани се фасцинантни и многу излагања овде ми ги отворија очите, истакна во завршната реч амбасадорот Гир.

– Кога Шекспир би дошол во Северна Македонија, би бил одличен студент, со сите добри оценки по граматика. И потоа би се качил во автобус низ Скопје, или за Куманово или Битола за да го слушне богатството на тоа што го зборуваат луѓето. Моите соработници секогаш се трудат да ме запознаат со македонската книжевност. Оваа култура има што да каже не само тука, туку и во ЕУ – истакна евроамбасадорот.





