Расказот „Хектор” на авторот Бојан Таневски победи на конкурсот „Тврдоглави“

Авторот Бојан Таневски за својот расказ „Хектор“ ја доби првата награда на анонимниот конкурс за краток расказ „Тврдоглави“. На второ место е Анастасија Марковска со расказот „Тринастега“, а на трето – Марија Јовчевска со расказот „Кучешки празник“. Конкурсот беше наменет за млади писатели на возраст од 16 до 26 години. Вкупно 206 раскази пристигнаа, а нив ги оценуваше жирито во состав: Оливера Ќорвезироска, Владимир Мартиновски и Николина Андова Шопова.

Жирито констатираше дека најголемиот дел од пристигнатите раскази ги задоволуваат предвидените пропозиции, а десетина текстови, кои по обем се значително подолги и инклинираат кон новели и куси романи, беа исклучени од процесот на селекција.

– Жирито донесе одлука да издвои и три раскази кои заслужуваат пофалба: „Судиска грешка“ на Мартин Миљев, „Улицата на багремите“ на Кире Димитриевски и „Тремор“ – Калина Велковска. Иако кај сите наведени раскази можат да се забележат и одредени слабости, сите наградени и пофалени раскази се истакнуваат со одреден изграден, особен авторски стил. Секако, постои простор за подобрување и надградување, за авторско „растење“ кај авторите на овие раскази. Од она што овие текстови го нудат на стилски, идеен и естетски план, јасно е дека таквиот потенцијал е несомнено присутен. Станува збор за раскази кои сведочат за нови авторски писма и оригинални пристапи во уметноста на кусото раскажување – вели жирито.

Создавајќи фантазмагорична атмосфера, расказот „Хектор” нè води низ необичната, бизарна приказна: главниот лик брза на сопствениот погреб, во место во кое сите машки деца треба да бидат погребани. Дозата црн хумор во расказот е внимателно определена, а забележлива е и грижата за структурата и специфичниот раскажувачки ритам и стил. Текстот се доближува до фантастиката и дистопијата, иако поради хуморот и одредената доза метафоричност не можеме да го определиме како фантастичен расказ. Со специфичен, автентичен и уверлив стилски израз, авторот/авторката успева да раскаже возбудлива, интересна и заокружена приказна. Впечатлив е автентичниот раскажувачки пристап базиран на црниот хумор и функционална недореченост.

Расказот има интересна, очудена структура: рамката на случката е речиси исто долга колку и вметнатиот дел со „играта“, чијашто намера е да одолговлекува, впрочем, како што ја одолговлекува својата смрт и главниот лик – Хектор.

Трите пофалени раскази нудат една можна перспектива за понатамошен развој на одделни раскажувачки практики, надвор од помодноста и од трендот, слободно надоврзувајќи се на најразличните универзални раскажувачки практики во современата македонска книжевност, но и пошироко. Експериментирањето со формата, линеарното раскажување и постмодернистичките стратегии се широко отворени, рамноправно можни и за најмладите автори кои пишуваат на македонски јазик.

Конкурсот „Тврдоглави“ е во чест на еден од доајените на современата македонска книжевност, Славко Јаневски (1920-2000). Има за цел да ги поттикне и промовира младите писатели на македонската книжевна сцена.

Организатори се: Блу ИТЦС, Ротари клуб Скопје Камен мост, Принт Фактори, Исо Консалтинг, Данаи Фарм и Гастро Сервис Плус.

Поради големиот број на пријавени раскази, победниците ќе се објават на 19ти Февруари, а наградите ќе бидат доделени на 26ти Февруари.

Сподели