Книжевен клуб на кој ќе бидат опфатени најновите преводи од чешката проза на македонски јазик ќе се одржи вечерва во 19 часот во Europe House Скопје. Клубот ќе го води проф. Владимир Мартиновски, поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач и амбасадор на „Вавилон“ наградата за Млад книжевен преведувач. Гостин на вечерта е проф. Јасминка Делова-Силјанова, преведувачка од чешки и главна уредничка на издавачката куќа „Славика либрис“.
Во рамките на вечерта ќе бидат опфатени делата:
– „Ќе се разбудам на Шибуја“ од Ана Цима (превод: Донка Роус)
– „Останете со нас“ од Марек Шинделка (превод: Даниела Роус-Мишевска и Донка Роус)
– „Мапата на Ана“ од Марек Шинделка (превод: Јасминка Делова-Силјанова)
– „Мона“ од Бјанка Белова (превод: Даниела Роус-Мишевска и Донка Роус)
– „Нулорог“ од Петр Станчик (превод: Донка Роус)
– „Нештата за кои дојде време“ од Петра Соукупова (превод: Јасминка Делова-Силјанова) и
– „Едрилица на етикети“ од Јиржи Хајичек (Донка Роус и Даниела Роус-Мишевска)
Книжевниот клуб се организира по примерот на големите книжевни европски метрополи – Париз, Берлин, Прага, Рим.
– Сакаме да создадеме патувачка машина која ќе нè понесе на истражување на европските земји и култури. Затоа го креиравме нашиот Книжевен клуб во кој ќе го започнеме разговорот околу книгите – но тој води до подлабоки позначајни врски кои секогаш формираат доживотни пријателства. Придружете ни се и откријте широк спектар на нови книги, нови автори, нови пријатели, запознајте се со авторите, со преведувачите и на крајот дознајте и нешто ново за себе велат од Europe House Скопје.





