Мајчиниот јазик е еднаков на идентитет

Пишува: Даница Среткоска, средношколка

„Родниот јазик е бисерен ѓердан
од зборови – плодови сочни
мислите тие ти ги редат
во слики јасни и точни…”

Стихови кои го одбележаа детскиот период од мојот живот, оние претшколски денови кога мајка ми ме учеше како да научам песничка за првиот училиштен ден. Денес е Меѓународен ден на мајчиниот јазик. Пишувам и сè повеќе ме мачи мислата. Ја притискам, но излегува на површина. Што би била денес кога не би знаела да читам, да пишувам? Би била нема, без глас. Не би можела да кажам која сум, не би имала идентитет. Јазик – систем на звуци за пренесување информација, кој се раѓа во една општествена заедница, споделен од сите нејзини членови, тие имаат свој јазик што ги поврзува меѓусебно, кој ги разликува од нивните соседи и другите подалечни заедници.

Мојот мајчин јазик е македонскиот, завет од моите прадедовци, од мојот дедо, море што не може да се исплива. Тој е вруток непресушен, тој е бисер скапоцен. Јазик стар и вековен, јазик-вечен, ѕвезда-јасна, сонце-силно.

Долга е историјата на македонскиот јазик. Од некогашната глаголица до денешната кирилица. Македонците секогаш свесно го чувале својот јазик и го штителе од туѓите влијанија. Сите просветни, културни дејци од деветнаесеттиот век се бореле за чистотата на јазикот, свесни дека тој е една од основните одлики на македонскиот идентитет и Македонците, воопшто.

Ако се знае историјата на македонскиот јазик, се знае и историјата на македонскиот народ. Иако е оспоруван, македонскиот јазик не може да се уништи, затоа што има народ што го зборува. Македонскиот, мојот мајчин јазик е мојот идентитет кој низ историјата зборува-тече, низ книги се лее, низ песни се пее, насекаде грее…

Насловна фотографија: Ласко Џуровски

Сподели