Проблеми поврзани со менталното здравје на децата биле најчеста причина за повици на „Ало Бушавко“ – телефонот за деца и млади се семејните односи, проект на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. 35 отсто од вкупно 357 повици се оснесувале на оваа проблематика. Од „Меѓаши“ ја сумираа претходната година и заклучно со 27 декември. Вкупниот број деца и млади кои се опфатени со случаите изнесува 450 (139 машки, 134 женски деца, а за 177 деца не е познат полот). Според возрасната група, најмногу од дојавите се однесувале на деца на возраст од 7 до 9 години. Најголемиот број од децата или 417 живеат во урбана средина, а 291 од вкупниот број јавувачи се Македонци.

Од „Меѓаши“ објаснуваат дека проблемите со менталното здравје се манифестираат преку емоционална вознемиреност поврзана со искуството на лутина или фрустрација.
-Како главен причинител за ваквата психолошка состојба кај децата во дојавите што ги добивме е односот на родителите што произлегува од бракоразводите, но и интерперсоналните односи во образовниот процес (врсник – врсник, наставник – ученик). Во вкупниот број забележани проблеми категоријата повреди, во која спаѓаат сите видови насилтво, злоупотреба и занемарување, учествува со 25 %. Проблемите од категоријата „семејни односи“ учествуваат со 17% во вкупниот број проблеми. Голем број деца, дури 145 се регистрирани во оваа категорија проблеми, а се однесуваат на проблемот со прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа – велат од „Меѓаши“.
Тие објаснуваат дека била обезбедена директна помош или поддршка на случаи во кои се засегнати 88 деца. На 292 деца и млади им се посочени препораки, додека со информации за контакт на соодветна институција беа опфатени 124 деца, потоа 64 деца или млади беа упатени до други организации или институции, а 62 деца се упатени до агенции/институции надлежни за спроведување на законот.
– Нашата препорака се однесува пред сѐ на родителите и наставниот кадар како најблиски до децата, оние кои можат директно да ги забележат симптомите на одреден проблем и директно да реагираат, но уште поважно да превенираат вакви состојби кај децата. Препораката е особено до стручните служби во училиштата, и основните и средните, да посветат поголемо внимание на менталното здравје на децата и да понудат повеќе содржини и активности преку кои ќе се обработуваат теми од важност за менталното здравје. Образовните институции, да водат грижа за атмосферата на безбедност и да нудат програми, активности и содржини преку кои ќе се подигнува свеста за штетните последици од насилството и да градат култура на мир и ненасилство – велат од „Меѓаши“.
Трет по ред проблем според зачестеноста во 2022 година, а прв во изминатите неколку години на „Ало Бушавко“ се семејните односи. Во 2022 година овој проблем учествува со 17% во вкупниот број проблеми. Ова е алармантна бројка која се повторува низ годините наназад што ни укажува дека треба да се спроведат дополнителни мерки и едукации преку советодавна работа на родителите при нивната разделба. Особено да се обрне поголемо внимание и освестување за штетата што ја прават со нивната конфликтна меѓусебна комуникација, притоа не водејќи сметка за потребата на детето, да ги сака двајцата родители подеднакво.





