Колкава е вредноста на мудроста, колку е значајно искуството што може да ни го пренесат постарите лица? За возврат, колку е значајно вниманието, грижата и љубовта кои можеме да им ги подариме? Ова е дел од мисијата на новата платформа „Чувари на мудроста“ (cuvarinamudrosta.mk) каде под мотото „Да ги слушнеме и гушнеме“, Халкбанк АД Скопје влезе во општествено-одговорна кампања за поддршка на старите лица. Преку своето искуство и мудрост, наши познати културни, општествени дејци, луѓе од бизнисот, спортот и уметноста, кои и во зрелите години или по пензионирањето се активни, ќе им пренесат совети за оние кои сега чекорат по нивните стапки.

– Кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“ ја почнавме токму од нас. Во нашите простории ги поканивме
пензионираните колеги кои ни пренесоа прекрасни искуства, нешта кои нема да ги најдете во учебниците.
Тоа е целта на новата платформа „Чувари на мудроста“. Од една страна да ги слушнеме личните приказни на нашите дејци, а од друга страна да учиме од нивните искуства. Не само во рамките на нашата општествено
одговорна дејност, туку како наша генерална определба, луѓето се најважни, од внуче до баба и дедо. И затоа
подготвивме интересни и богати содржини за да им покажеме колку се важни – вели Маја Наумовска-Савеска од Халкбанк АД Скопје.
Платформата „Чувари на мудроста“ има динамична содржина. Во рубриката „Да ги слушнеме“ досега се
објавени интервјуа од писателот и публицист: Васил Тоциновски, уметникот и хуманист Живко Поповски-
Цветин, писателите Љубинка Донева и Киро Донев, новинарите Лилјана Грџо Дамовска и Љупчо Јолевски,
Даница Павловска-Циги, архитект, библиотекарката Тања Гошева.
Рубриката „Твоја порака“ е место за вашите зборови. Што би сакале да им порачате на вашите сакани кои се
веќе во години? Калин Карајованов вели:
– Сакајте ги додека се тука бидејќи животот е непредвидлив.
Во рубриката „Мудри совети“ издвоени се мисли од нашите дејци:
– Во животот нема случајности. А нивните резултати се аргумент оти зад човекот/авторот стојат неговите дела како единствена етичка и естетска мера за неговите животни и творечки врвици. Значи одговорот е еден: работа, работа, и само работа – вели Васил Тоциновски.

Платформата „Чувари на мудроста“ и кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“ се проследени со одличните авторски илустрации, уште една општествено одговорна акција на Халкбанк АД Скопје која ја поддржува уметноста. Во рамките на кампањата веќе беше спроведена акцијата „На кино со баба и дедо“ во повеќе градови во Македонија, а еден од прикажуваните филмови беше „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски. Во повеќе домови за стари лица беа организирани предновогодишни игранки со наши истакнати естрадни уметници.
Халбанк АД Скопје преку платформата и на кампањата порачува:
Во брзото секојдневие да сопреме за миг и тој миг да им го подариме на постарите, на нашето семејство. Кампањата ќе се одвива во различни етапи, во соработка со пензионерски здруженија, домови за стари лица, училишта и градинки низ целата земја. Интегрираната кампања обединува најразлични активности и се одвива на сите канали за комуникација, вклучувајќи ја и документаристичката компонента.





