УГД ќе додели половина милион денари за погодените делови во Турција

На вчерашната седница на Сенатот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип беа донесени неколку одлуки во насока да се помогне на луѓето погодени од катастрофалниот земјотрес во Турција. Донесена е одлука во координација со амбасадата на Турција, Универзитетот да одвои 500.000 денари хуманитарна помош.

Помошта ќе се додели во координација со амбасадата на Турција директно на Државната агенција за управување со кризи и итни состојби при Министерството за внатрешни работи на Турција.

Покрај ова УГД донесе одлука и за продолжување на сесијата за студентите од оваа земја. Согласно актуелните катастрофални настани што се случија во Турција, Универзитетот ќе им излезе во пресрет на странските студенти, така што ќе се продолжи испитната сесија за студентите од Турција до 30.03.2023 година во која ќе важат сите пријави од февруарската испитна сесија кои не се реализирани.

Универзитетскиот сенат го промени и распоредот за подготвителна настава на македонски и англиски јазик за странски студенти, со цел да им излезе во пресрет на бројните студенти од Турција кои студираат на УГД. Почетокот на наставата ќе се одложи до 20 февруари за сите групи. Наставата ќе започне и ќе се одвива онлајн од 20 февруари до 20 март, а потоа ќе продолжи со физичко присуство.

Наставата со физичко присуство ќе се продолжи во јуни онолку колку што треба (една или две недели). Испитните рокови ќе се прилагодат со новите рокови, така што ќе биде изготвен нов календар за оваа група студенти, се вели во оваа одлука.

Сподели