Заслужуваме подобри професори: Бојкот на талентираните ученици во Математичко-информатичката гимназија

Талентираните ученици од Математичко-информатичката гимназија денеска во 12.30 ќе даваат изјави за медиумите зошто втор ден ја бојкотираат наставата. Тие се противат на изборот на нови професори кои требаше од вчера да почнат со настава. Сите ученици од трите генерации од МИГ од почетокот на второто полугодие губеа настава по стручните предмети зашто истакнатите стручни лица не биле ангажирани во второто полугодие од учебната година. Минатата недела директорката на училиштето рече дека се чекаат согласности од Министерството за финансии. Откако родителите реагираа во јавноста, на 31 јануари МИГ го објави јавниот оглас и одлука за избор на истакнати стручни наставници.

Во соопштението до медиумите учениците објаснуваат:

– Ние сме ученици од Математичко-информатичката гимназија кои изминативе две недели немаа настава по 80 отсто од предметите (сите стручни предмети). Одговорот на прашањето ,,Зошто?“ се префрлаше од институција до институција (директорот на МИГ, МОН, Министерство за финансии… Проблемот навидум ќе се решеше со распишување на огласот за професори и вработување на стручни лица од соодветните области. За жал решението остана навистина навидум. Иако на конкурсот аплицираа стручни професори кои имаат завршено докторски студии од соодветните области, што е критериум посочен во законот за Математичко-информатичка гимназија, без никакво образложение од страна на директорката тие професори беа одбиени на јавниот оглас за наставен кадар во училиштето. Дел од тие професори веќе предавале во МИГ и ја докажале својата стручност, сега се заменети со нови професори, кои, колку што знаеме некои од нив не ги исполнуваат критериумите за професор во МИГ. Сето ова и немаше да биде толку загрижувачки доколку изборот на кадар и критериумот по кој се водела комисијата се подеднакво нетранспарентни и за нас недостапни. Се информиравме, ги знаеме условите за вработување кои важат на конкурсот за вработување, како и степенот на едукација кој го поседуваат некои од кандидатите кои беа одбиени. Нешто не се совпаѓа! Одговори од директорката не добиваме. Решени сме да одиме докрај и да го добиеме образованието кое ни беше ветено на почетокот. За таа цел (дел од учениците ) ја бојкотираме наставата веќе втор ден, а би сакале да зборуваме јавно, како и ние така и некои од кандидатите кои без објаснување зошто беа одбиени – велат учениците.

По огласот објавен на крајот на минатиот месец, раководството на школото ги избра истакнатите стручни наставници и завчера соопшти дека на 7. феврури продолжува редовната настава по сите предмети. Незадоволни од изборот учениците вчера почнаа со бојкот. Неофицијално, наставата ја бојкотираат талентираните ученици кои се натпревуваат на меѓундародни натпревари по математика, информатика и физика и често освојуваат медали. Тие изјавите за медиумите денеска ќе ги даваат пред влезот на средното училипте „Здравко Цветковски“ во Скопје каде пред три години беше удомена и Математичко-информатичката гимназија кога наставата почна со неколку класа. Тоа беше привремено решение додека не се создадат неколку генерации ученици кои би биле преместени во индивидуален објект. Според информациите на МОН, во МИГ се вработени вкупно 16 лица, од кои 1 директор, 1 педагог и 14 наставници по општообразовни предмети, вработени на определено работно време во согласност со наставниот план и наставните програми. Има вкупно 11 лица ангажирани со договор на дело, односно истакнати стручни лица во согласност со Законот за математичко информатичка гимназија и наставниот план и наставните програми за математичко-информатичка гимназија.

Сподели