Немаат девојчињата помала способност за наука истражувања споредено со момчињата

Незаменлива е улогата на жените во научно-технолошката сфера а со тоа и во развојот на заедниците каде работат и живеат. Еден од клучните принципи врз кои се темели реформата на образовниот систем во Северна Македонија е родовата рамноправност. Немаат девојчињата помала способност за наука и истражувања споредено со момчињата. За да овозможиме раст и развој на секое дете во согласност со неговите автентични склоности и интересирања, почнуваме од основата – обуките на наставниците, потоа преку реализирањето на наставата, како и училишните и вонучилишните активности – рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на панел дискусијата по повод Меѓународниот ден на жените и девојките во науката 11 февруари, организирана по иницијатива на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска.

Нагласувајќи дека сѐ почнува од интересот и желбата на ученикот, Шаќири посочи дека образованието е тоа што дава поттик за развивање на афинитетите.

– Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија спроведува политики кои водат кон развој на човечкиот капитал. Колку и да сме критички настроени, податоците велат дека нашата држава е лидер во Европа според бројот на жени истражувачи, како што покажува последниот извештај на УНЕСКО.
Ова е во голема заслуга на системот на образование, што ние се трудиме да го издигнеме скалило погоре“, укажа министерот.

Говорејќи за буџетската поддршка насочена кон подобрување на условите за научно-истражувачка работа, министерот Шаќири рече дека се финансираат научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес и исто така се вложува во развој на лабораториски ресурси.

– Во оваа пригода сакам да посочам само еден пример, дека по повеќе од 20 години, на Стоматолошкиот факултет Министерството инвестираше во опремување на две сали, што е услов за квалитетна едукација на идните доктори но и научни работници. Ние ќе продолжиме со политики, мерки и инвестиции кои водат кон подобри можности и услови за развивање и искористување на сите таленти за надминување на современите
предизвици. А тоа значи и повеќе девојки и жени во науката“, наведе министерот Шаќири.

Сподели