Визуелно моќна „Дон Жуан“ во режија на Александар Поповски премиерно во Будимпешта

Претставата „Дон Жуан“ од Молиер во режија на Александар Поповски ќе биде премиерно изведена вечерва на сцената на Националниот театар на Унгарија во Будимпешта. Ова е втора претстава во режија на Поповски на сцената на овој театар. Пред две години тој го постави култното дело „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков. Оваа година во Будимпешта се одржува Меѓународната театарската олимпијада (International Theatre Olympics) и оваа премиера е дел од тој голем театарски настан. Во претставата учествуваат уште двајца автори од Македонија, костимографката Миа Поповска и композиторот Марјан Неќак.

Овој текст го поставувам повторно после 17 години од премиерата во Драмскиот театар во Скопје, вели Поповски.

– Театарот во Унгарија е на фантастично високо ниво. Самиот град Будимпешта има околу 200 различни театри. Се надеваме дека оваа претстава ќе гостува во догледно време во Македонија. Драмата „Дон Жуан“ е приказна за човекот затворен помеѓу небото и земјата, којшто постојано се обидува да ја открие тајната на небото. Една од големите теми на Молиер е темата на лицемерието, која звучи како да е напишана за сè она што денес се случува околу нас.

Сподели