Промовиран „Речник на македонските глаголи“ во Нови Сад

„Речник на македонските глаголи“ е капитална работа што ќе го подигне нивото на универзитетското изучување на македонскиот јазик во Србија, рече претседателот на Националниот совет на Македонците, Борче Величковски на вчерашната промоција на изданието во Музејот на обединувањето во Нови Сад. Автор на делото е универзитетскиот професор Жарко Бошњаковиќ, а промоцијата беше во рамките на одбележувањето на 75-годишнината од универзитетската настава по македонски јазик и литература во Србија, пренесе „Бета“.

Поддршката на оваа публикација покажала посветеност на единството и односот кон македонското национално малцинство кое живее во Србија, а особено во Војводина, соопштиле од кабинетот на покраинскиот премиер, Игор Мировиќ.
Бошњаковиќ, професор на Филозофскиот факултет во Нови Сад вели дека речникот ќе биде корисен за студентите, но и за јазичните теоретичари и лингвисти.

Соработници во издавањето на речникот се Националниот совет на Македонците во Србија, весникот и издавачката институција „Македонски информативен и издавачки центар“ во Панчево, Филозофскиот факултет на Универзитетот во Нови Сад и Архивот на Војводина.

Сподели