За најдобра беседата на првиот конкурс за избор на беседа посветена на патронот Григор Прличев е прогласен авторот со шифра „Гроф“, за делото „Прличев и ние“. Втората награда е за авторот со шифра „Ѕвезда“, а третата – „Информатичарот“. Ова е прва година библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид да го организира конкурсот, во пресрет на манифестацијата „Прличеви беседи“.
На конкурсот пристигнале седум дела.
– Останува добитниците на наградите да го докажат својот идентитет со примерок од испратената творба. Целта на конкурсот беше да го поттикнеме творештвото на младите луѓе да пишуваат креативно и да го збогатат својот говорен израз. Познато е и од неговата „Автобиографија“ дека Прличев најчесто во недела држел беседи пред своите сограѓани – охриѓани на различни теми во црквата „Св. Богородица – Перивлепта“, велат од Библиотеката.
На Конкурсот можеа да се пријават сите млади од општините Охрид и Дебрца од 15 до 30 годишна возраст.
Наградите на најдобрите тројца автори ќе им бидат врачени на 6 февруари на манифестацијата „Прличеви беседи“ во организација на охридската библиотека.





