Проблемот е што МИГ е специјализирана гимназија која нема постојан кадар. На наколкуте класа од прва до трета година ангажирани се наставници на договор на дело кои се продолжуваат секоја календарска година
Средношколците во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во Скопје веќе втора недела немаат настава по стучните предмети. За нив второто полугодие почна исклучиво со настава по општообразовните предмети. Родители на ученици од трета година реагираат дека во моментот нема наставници за 8 стручни предмети, а со тоа се изгубени повеќе од 20 часови неделно. Проблемот е што МИГ е специјализирана гимназија која нема постојан кадар. На наколкуте класа од прва до трета година ангажирани се наставници на договор на дело кои се продолжуваат секоја календарска година. Директорката на училиштето вели дека се чекаат согласности од Министерството за финансии, од Министерството за образование и наука велат дека во најскоро време проблемот ќе биде надминат, а наставата непречено ќе подолжи.
Револтираните родители на средношколците од трета година во соопштение до јавноста велат:
– Со почетокот на второто полугодие не им се продолжени договорите за работа на наставниците по стручните предмети. Учениците од трета година моментално одржуваат настава само по четири предмети – македонски и англиски јазик, физика и спорт, што се еден до два часа дневно! За останатите 8 стручни предмети немаат наставници и со тоа се изгубени повеќе од 20 часови на неделно ниво. Веќе втора недела ситуацијата е иста. Реагираа и учениците и ние, надлежните немаат одговор до кога ќе бида ваква ситуацијата – велат родителите во соопштението.
Според нив, МИГ е една убава идеја за средно образование на повисоко ниво која почна да се реализира пред три години.
– На почетокот оставаше впечаток на нешто ново и над просекот во нашето секојдневие кое сè повеќе губи од својата идеја и се вклопува во општото сивило на едно просечно средношколско училиште, а во некои сегменти и потпросечно. Недозволиво е да не може да се обезбедат услови за нормална настава – велат родителите.
Тие го цитираат член 6 став 1 алинеја 4 и 5 од Законот за математичко-информатичка гимназија, според кој треба да се обезбедат соодветни просториии и опрема за остварување на дејноста, со финасиски план да се обезбеди одржливо ниво на финансирање најмалку за една генерација на ученици во МИГ и најважното овој момент – да се обезбедат потребен број лица кои ги исполнуваат условите за наставници и стручни соработници од соодветната математичко-информатичката област.
– Ситуацијата е безнадежна, но подготвени сме да се соочиме со овој проблем и ќе се бориме на секој начин да се обезбеди соодветно квалитетно образование за нашите деца. Апелираме до надлежните да се ангажираат и во најкраток можен рок да го решат проблемот. Доколку не изнајдат решение во текот на следниве денови размислуваме и за порадикални постаки за решавање на проблемот т.е. поднесување на тужба до МОН, за оневозможување на основното право на децата – средно образование кое впрочем е и задолжително според Законот за образование – се вели во реакцијата.
Директорката на МИГ, Јулија Гајдаџиева вели дека од нејзината и од страната на МОН сè било на време преземено.
– Во однод на согласноста за ангажирање на професорите со договор на дело потребна е и согласност од Министерството за финансии. Согласноста сè уште ја немаме добиено – вели Гајдаџиева.
Од МОН велат дека во координација со Министерството за финансии работат на продолжување на согласностите за ангажирање на потребниот наставен кадар во МИГ.
– Очекуваме во најскоро време наставата по сите предмети непречено да продолжи – велат од МОН.





