Рецензија за книгата „Млечни заби“ на Лана Басташиќ, во издание на „Арс Ламина“ Скопје 2021, превод: Снежана Вулгарикис, а објавена во книгата „На полпат (критика или молк)“ на Ќорвезироска
Пишува: Оливера Ќорвезироска
Најновата збирка раскази на Лана Басташиќ (1986) – „Млечни заби“, објавена 2021 речиси истовремено кај три издавачи во три земји (Booka, Белград, Србија; Fraktura, Загреб, Хрватска и Baybook, Сараево, Босна и Херцеговина), во текот на истава година се приопштува и на македонски, со што само уште еднаш се потврдува дека станува збор за широк, регионален книжевен настан, но и за издавачка подготвеност за брз „одговор“ и вдомување во нашиот јазик на најзначајното, посебното, исклучителното во актуелните продукции од соседството и пошироко. „Млечни заби“ е прв превод на Басташиќ на македонски јазик, која ја доби Европската награда за книжевност за 2020 година за романот „Фати го зајакот“. По големиот успех на романескниот првенец што се најде и во најтесниот избор за НИН-овата награда, Басташиќ со „Млечни заби“ го подвлекува веќе стекнатиот читателски и критичарски впечаток дека е еден од водечките книжевни гласови на овие простори во моментот.
1. Детско (не)време
„Млечни заби“ е збирка од дванаесет раскази, прецизно ситуирани во детството како обединувачко јадро околу кое се намотува најразличен материјал од Балканот што експлицитно го нема, а е присутен во секој збор, во секој интерпункциски знак и во секоја белинка од врвното уметничко писмо меѓу кориците. Цврсто стегнато книжевно клопче со лични, мачни и мрачни, напати брутални приказни за растењето. Намотување и одмотување зборови на тишината, на она за што вообичаено се молчи. Превисоки сметки за отплата на патријархатот, на ксенофобијата, на шовинизмот и сексизмот, на нетолерантноста и крволочната осуда на сѐ Друго и на сите Други. Ова е збирка за возрасни со деца како главни ликови, но и како раскажувачи, и тоа не ретроспективни ламенти на сегашни возрасни – некогашни деца, туку актуелни, синхрониски деца-раскажувачи, известувачи, дошепнувачи и проследувачи на нештата што се случуваат во мигот, токму во годините што децата ги имаат. Токму тогаш, во реалната временска рамка на настанот, случката, испадот, девијацијата, соголената сексуалност, траумата, насилството, убиството, смртта… Ваквиот пристап, самиот по себе остварува необичен книжевен ефект, зашто деца (рас)кажуваат приказни наменети за возрасни, и тоа во своето вистинско детско (не)време, зашто кога и самите ќе бидат возрасни, дијахрониски најверојатно ќе молчат, сакајќи само да заборават. Дванаесетте раскази во збиркава имаат поништен интерес за иднината, крајно отпуштена и разлабавена претпоставка кон што би можеле да одведат фокусираните, „осветлени“ нешта пред да потонат во најдлабока тишина. И темнина. Кон сè или кон ништо во одминатите и во претстојните животи.
2. Родители в скут на своите деца
Во „Млечни заби“ не станува збор за вообичаениот книжевен модел за светот виден низ очите на децата (симулиран со различни книжевни ефекти и во одделни жанрови), туку за крајно личен, автентичен модел за светот на возрасните натоварен врз кревките плеќи на децата. Наративната перспектива е специфично изместена, следејќи ја општата девијантност во односите и постоењата на закоравените семејства. Во симболична смисла, би можело да се рече дека децата во оваа збирка се големи, а родителите мали; дека децата ги држат в скут своите родители, а не обратно; дека децата фрлаат големи, јасни сенки зад својот мал раст, наспроти нејасните, скудни и деформирани сенки зад нивните големи, одамна пораснати родители… Бруталноста во оваа збирка не е еднонасочна, туку повеќенасочна, речиси дифузна: родители тепаат деца – деца убиваат родители; домашни миленичиња умираат – богови се бркаат низ прозорец; татковци мастурбираат – мајки пијат; девојчиња крвават на теписи – момчиња се срамат од големите гради на своите мајки со рачиња принудно ставени на виснатите гради на своите баби; се очекуваат богати, збајатени куќи во наследство, се очекува татко да се врати од војна,.. се убиваат големи лебарки со мали, детски ножиња; тукушто завршената војна се беси во пералницата на мирот…
Децата и родителите во овие раскази се поставени на спротивните точки на крајно оптегнатата пружина на постоењето, на животот во мали, затантени средини. Пружината секој миг може да се скине и да ги повреди едните, другите или сите заедно; или да се свитка во форма од која нема понатаму. Децата се нанижани на незадоволствата на своите родители, не како мониста, туку најчесто како размачкани точки кои допрва ќе ја добијат својата правилна или уште поверојатно – неправилна форма. Оштетените детства (со штрбави усти?) растат во возрасност со грешка, со маана или со лузна за кои најчесто (ќе) се молчи и кога се очигледни. Басташиќ му става зборови в уста на најдлабокиот молк поврзан со страдањата дома, таму каде што, всушност, треба да е најсигурно. И најубаво. Она што се прави во овие раскази не е класична демистификација на детството и компромитирање на стереотипот за најбезгрижниот период од нашите животи (иако го има и тоа во поттекстот), туку повеќе е широк, наративен „попис“ на безначајностите од кои се создава најзначајното во сите нас.
3. Вкусот на речениците
Басташиќ во оваа компактна, тематска и проблемска збирка раскази не поставува прашања, не дава ниту одговори. Не суди, не анализира, не морализира, не релативизира, не конфабулира препознатливи настани и случки, туку само студено и фрапантно прецизно ги приготвува нештата и ни ги сервира во своите директни, брутални, остри,.. но, над сè – виртуозни реченици. Трипати премерени, еднаш пресечени во посебен, впечатлив и тешко повторлив стил. Долги или куси и елиптични, речениците на Лана Басташиќ имаат вкус на најдобрите писма од богатата раскажувачка традиција на јазикот што порано се викаше српско-хрватски.





