Регионалните тела за проценка во Битола, Охрид, Гостивар, Велес, Куманово, Штип, Струмица и Скопје ќе обезбедуваат професионални насоки на родителите на децата со пречки во развојот и ќе ги поврзат со услуги за поддршка во областа на здравството, образованието и социјалната заштита
Да се олесни пристапот на децата и младите со попреченост до услуги за поддршка и парична помош е целта на новиот Правилник за функционална проценка на децата и младите со попреченост што го потпишаа министерите за труд и социјална политика, за здравство и за образование и наука, Јованка Тренчевска, Беким Сали и Јетон Шаќири. Документот опфаќа деца и младите до 26-годишна возраст, а е дел од големата реформа на моделот за проценка на децата и младите со попреченост што се спроведува во земјава од 2019 година со поддршка од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Целта на новиот модел на проценка е да ги идентификува попреченостите кај децата и потребната поддршка што ќе овозможи секое дете да го оствари својот целосен потенцијал. Регионалните тела за проценка во Битола, Охрид, Гостивар, Велес, Куманово, Штип, Струмица и Скопје ќе обезбедуваат професионални насоки на родителите на децата со пречки во развојот и ќе ги поврзат со услуги за поддршка во областа на здравството, образованието и социјалната заштита. Телата се екипирани не само со лекари, туку и со социјални работници, психолози и специјални едукатори. Регионалните тела ќе ги идентификуваат и пречките во опкружувањето што го спречуваат активното и целосно учество во општеството на децата со попреченост, како што се непристапната инфраструктура, предрасудите и негативните ставови во локалните заедници.

Беким Сали (лево), Јованка Тренчевска и Јетон Шаќири
Според Шаќири, правилникот е важен инструмент за подигнување на степенот на инклузивност на националниот образовен систем.
– Полесно ќе се изработува индивидуален образовен план за работа со ученик со попреченост и модифицирана програма. Полесно ќе се дефинира и инклузивниот тим – ќе се одредува каков тип на стручен кадар треба да работи со одерден ученик, дали ќе биде потребна образовна асистенција или ќе биде ангажиран личен асистент – вели Шаќири.
Стручните тела досега реализираа повеќе од 2.100 проценки, а паралелно почнале и со издавање на контролни проценки.
– Со отворањето на сите регионални стручни тела се очекува многу поголем број на извршени проценки кои треба да ги задоволат реалните потреби. Во однос на трошоците за вршење на проценката, родителите се ослободени од секакви плаќања за вршење на проценката – вели Сали.
Според Тренчевска, инклузија и почитување на правата на лицата со попреченост е приоритет. Затоа е важно да се препознаат јаките страни на лицата со попреченост и оттука да почна развивањето на нивниот целосен потенцијал.
Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ вели дека е големо достигнување што секторите за здравство, образование и социјална заштита работат заедно на унапредување на правата и подобрување на животниот стандард на децата и младите со попреченост.
– Има уште работа за да се заврши реформата, особено во однос на обезбедување простории и човечки ресурси за сите регионални тела за проценка на попреченоста. Се надевам дека овој настан ќе поттикне подготовка на акционен план кој ќе ги води различните засегнати страни во процесот. УНИЦЕФ останува подготвен дополнително да ја поддржи оваа клучна реформа за доброто на секое дете во земјата – рече Ди Џовани.

Сали, Патриција ди Џовани и Шаќири
Новиот модел за проценка става акцент на активната улога на родителите во проценката на нивните деца. Преку стручни совети ги зајакнува родителите да дадат понатамошна поддршка на своите деца, што е огромен напредок во споредба со претходниот систем што се потпираше исклучиво на медицински дијагнози и немаше пристап фокусиран на потребите.
Формирано е национално тело кое ќе ја координира и надгледува работата на регионалните тела за проценка на попреченоста, ќе собира податоци за да ги идентификува тесните грла во обезбедувањето услуги за поддршка на децата и младите со попреченост и да ги решава во партнерство со ресорните министерства. Во целиот процес на воспоставување регионални тела за проценка на попреченоста и спроведување на законските амандмани, Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за лицата со попреченост одигра клучна улога во поврзување со различни институции.
За потребите на новиот модел, направени се обемни измени на законската рамка, вклучително и на законите за социјална и детска заштита, законот за основно образование и законот за здравствена заштита, што системски ја регулираат оваа проблематика. Со новиот Правилник се уредува функционирањето на стручните тела за проценка, начинот на вршење на проценките, но и начинот на обезбедување дополнителна поддршка во областа на образованието, здравството, социјалната заштита и детската заштита.
Телата за проценка на попреченоста ќе бидат финансирани од Министерството за здравство, а низ целата територија на државата ќе функционираат како служба во рамки на Здравствениот дом Скопје. Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и општините обезбедуваат дел од просториите за функционирање на телата. Воведувањето на овој модел беше поддржано од Фондот за деца на Обединетите Нации (УНИЦЕФ).
Насловна фотографија: Од изложбата „И јас сум тука“ отворена во Кинотека





