Андреј Блатник: Македонските писатели се меѓу најдобрите во светот

Пишува: Александра Јуруковска

Блатник е голем познавач на европската и светската литература, но и голем пријател на македонската литература и култура. Тој е од оние практични пријатели кои на словенечки има објавено многу македонски автори – истакна Лидија Димковска на промоцијата на збирката раскази „Угризи“ што беше промовирана синоќа во Скопје.

Андреј Блатник е еден од најзначајните словенечки и европски писатели на денешницата, автор на дваесетина книги, од кои голем дел се преведени и на македонски јазик. Добитник е на најпрестижните словенечки награди, уредник во издавачката куќа „Цанкaрјева“ и универзитетски професор. Неговите дела се преведени на дваесетина јазици и се дел од многу студиски и образовни програми за литература. Синоќа Блатник гостуваше во Скопје, каде што беше промовиран македонскиот превод на неговата книга раскази „Угризи“.

– Ова е прекрасна книга, содржи 50 раскази, од кои најкраткиот е составен само од една реченица, а најдолгиот има шест страници и наликува на вистински роман. Кај Блатник има еден интелектуален, катарзичен хумор. Тој не е експлицитно ангажиран автор, туку неговата критика кон општествените процеси провејува многу суптилно. Во секој расказ тој влегува во кожата на ликот, а потоа чуствуваме како ликот се коси со себеси, се губи и повторно се наоѓа. Неговата литература е и развојна литература, бидејќи тој е постојано различен и ниедна негова книга не наликува на претходната – подвлече промоторката Лидија Димковска, која е и преведувач на книгата.

Таа дополни дека Блатник е и голем познавач на европската и светската литература, но и голем пријател на македонската литература и култура.

– Тој е од оние практични пријатели кои на словенечки и во издавачката куќа „Цанкарјева“ има објавено многу македонски автори: Горан Стефановски, Ермис Лафазановски, Луан Старова, Венко Андоновски, Гоце Смилевски и многу други. Веројатно, современата македонска литература е и најбројната издадена во таа издавачка куќа – вели Димковска.

Видно среќен што е во Скопје, Блатник истакна дека ја сака и ја следи македонската литература.

-Ја следам европската, балканската и светската современа книжевност.  Со целосна одговорност тврдам дека македонските автори се меѓу најдобрите во светот. Што се однесува пак до „Угризи“, ми се чини дека Лидија ја превела подобро отколку што книгата навистина е. Сега треба да ја преведам од македонски на словенечки, назад, за да биде толку добра – шармантно забележа авторот во своето обраќање до публиката.

Книгите на Блатник се извесно поместување во кратката проза и во микрофикцијата, во кои се отвораат големи прашања за човештвот во нашиот миг, истакна и писателот Гоце Смилевски.

– Оттуѓеност, психологија на групата, цел свет содржан во неколку реченици. Средба меѓу Истокот и Западот и колку некогаш мислиме дека туѓиот свет е подобар од нашиот. Во неговите раскази е собран цел свет за кој една вера е премалку. Оваа книга може да ги упати новите генерации прозаисти како да го завладеат занаетот, а повозрасните да ги освежи – подвлече Смилевски.

„Угризи“ е во издание на македонската издавачка куќа „Артконект“, а гостувањето на Андреј Блатник во Скопје се реализираше во соработка со Јавната агенција за книга на Република Словенија и Европскиот фонд за регионален развој.

Фотографии: Горан Димов

Сподели