Во каков свет сакаат да живеат во 2023 година и кои се нивните желби и очекувања, основците ќе можат да илустрираат преку цртежи и со истите да се натпреваруваат на ликовниот конкурс кој го објави Министерството за образование и наука по повод новогодишните празници.
Според пропозициите, предвидени се три категории – за ученици од 1. до 3. одделение, од 4. до 6. одделение и за ученици од 7. до 9. одделение. Цртежите треба да бидат оригинални, плод на трудот и знаењето на ученикот, инспирирани од предизвиците на учењето во тековната учебна 2022/2023 година.
– Секој ученик кој сака да учествува, може да испрати само еден индивидуален авторски ликовен труд во само една категорија, соодветна на одделението во кое учи. Крајниот рок за аплицирање е 23 декември, а резултатите ќе бидат објавени најдоцна до 31 декември – велат од МОН.
Победниците во секоја категорија ќе бидат пригодно наградени, а наградите ќе им бидат врачени на средба во МОН.
– Ги охрабруваме учениците да учествуваат на ликовниот натпревар, да ја покажат својата креативност преку визуелизација на своите желби во Новата година. Ова е добра можност за надградба на натпреварувачкиот дух, но и за придонес кон подигнување на свеста за потребите и очекувањата на младите и зголемување на заложбите за нивно исполнување – велат од МОН.
Насловна фотографија: Летниот камп во Графичка работилница во Богданци





