Јавна дискусија и предавање на театарски колектив од Германија – дел од „Градот како сцена…“

Во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје, вечерва во 19 часот ќе се одржи јавна дискусија и интерактивно предавање на театарскиот колектив Geheimagentur. Модератори се Кристина Леловац и Филип Јовановски. Матијас Антон и Јулија Мунц од Хамбург ќе ги споделат своите приказни за различни проекти на Geheimagentur и пријателите. Публиката ќе може да види снимки од уметнички проекти во јавeн простор, училишта и театри во Хамбург, Кина и на други места.

Во 19.45 часот ќе следува разговор на темата „Што е театар во овие интердисциплинарни пракси?“ – рефлексија на изведувачка интервенција во јавен простор „Градот како сцена – изгубени модернистички утопии“ премиерно изведена на 47 МОТ. Модераторка ќе биде Кристина Леловац, актерка, изведувачка и вонредна професорка по актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Организатори на настанот се Факултет за работишто не се учат – ФРУ, Скопје, како дел од 17. АКТО Фестивал за современи уметности, а партнери – Центар за уметност и урбанизам Берлин (ЗК/У), Фрлачи на Сенки (Загреб), Архитектонски факултет од Скопје, Факултет за драмски уметности – Скопје. Проектот е поддржан од ГЕТЕ Институт Скопје, Министерство за култура, Европски проект ISLOKIN, ко-финансиран од ЕУ.

 

Сподели