Дела на Славчо Спировски изложени во КИЦ во Загреб

Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб е отворена самостојната изложба „Аголност на илузијата на пакетирањето“ на скулпторот Славчо Спировски, информира Здружението за култура и уметност „КултурОп“. Директорката на Центарот, Наталија Поповска истакна дека и’ е особено драго што токму концептуалната уметност на Спировски го заокружува годинашниот циклус изложби што во хрватската престолнина ја претставуваат македонската уметност со помош од нашето Министерство за култура.

Во промотивната реч по повод отворањето на изложбата (што ја прочита новинарот на Македонското радио, Тони Цифровски), кустосот на Национална галерија Горанчо Ѓорѓиевски, меѓу другото, подвлече:

– Творештвото на Славчо Спировски е постојано истражување и експериментирање на полето на скулптурата, амбиентот и мултимедијалноста кои се темелат на сопствената и светската традиција и личната историја. Креирајќи нови визуелни изразни можности го гради неговиот индивидуален ракопис и автентична ликовна философија. Неговата уметност е уметност на мислите, еден вид електроенцефелограм преточен во креативна енергија. Деликатниот избор на материјали и неконвенционалната конципираност во реализацијата на делото воспоставува активен естетски однос кон просторот како основа во реализацијата на делото.

Славчо Спировски поаѓа од повеќе различни моменти во креирањето на своите дела, кои од своја страна се создадени од повеќе нивоа на исчитување на делото и на восприемачот му нудат повеќе аспекти за нивно концептуално и естетско доживување…

Делата на Спировски се ослободени од своите физички граници и говорат, пред сè, за состојба во која реалноста се преобликува во нова онтолошка метареалност. Деконструирајќи го материјалното и повторно градејќи го во нов визуелен облик, тој постигнува ефект на преобразба на реалноста и се сосредоточува на нејзиното внатрешно доживување, трансформирање и трансцендентирање. Во таа хармонија творбата станува метафизички меѓупростор на визуелно конципирање на мислата во просторот  – подвлекува Ѓорѓиевски.

Изложбата е поддржана од Министерство за култура и Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб.

Славчо Спировски е роден на 01.02.1975 година во Скопје, Македонија. Дипломира 2006 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на педагошкиот оддел, отсек вајарство во класата на професор Станко Павлески, како студент на генерацијата 1998 – 2002 год. Освен во земјава самостојно излага и во Берлин, Њујорк, Софија, Загреб. Учествува на голем број групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Косово, Хрватска, Либан, Италија. Добитник е на пофалница на меѓународната изложба – „Бели ноќи“ МајданАрт 2020, Мајданпек, Србија.

Сподели