Во античкиот театар на археолошкиот локалитет Стоби кај Градско од денеска до петок ќе биде промовирана новата мобилна апликација Immersium. Станува збор за интерактивна дигитална алатка што овозможува уникатно културолошкo искуство низ истражување, едукација и забава на археолошкиот локалитет. Влезот е слободен за сите заинтересирани и активностите ќе се одвиваат од 8 до 15 часот.

– Спасувајќи го императорот Теодосиј е приказната преку која ќе се обидеме да го приближиме Стоби до неговите посетители. Во улога на посетител на градот, ќе имате можност преку интерактивен водич (кратки игри, квизови, реконструкции) на вашиот мобилен телефон да искусите дел од секојдневието на стобјани во 388 година. Апликацијата е бесплатна и ќе може да ја користи секој посетител на локалитетот – велат од Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“.

Искуствата создадени преку Immersium водат до откривање нераскажани историски и културни приказни со интерактивна содржина, VR и AR, поддржани со аудио визуелни елементи, гејмификацијa, аватарски карактери итн. Апликацијата е продукт на двогодишен проект (Immersive Storytelling Driven Cooperation for Cultural Heritage Dissemination in the Western Balkans), плод на соработка помеѓу седум институции од пет балкански земји: Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско од нашата земја, Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ од Скопје, Универзитет „Аристотел“ од Солун, фондацијата „Балканско наследство“ од Софија, Археолошки институт за археологија од Белград, Градскиот музеј Љубљана и Nexto од Словенија. Проектот е финансиран од Европската комисија.





