Научното истражување „Периодизација на забавната музика од самите почетоци до 2020-та година“ беше претставено пред јавноста деновиве во просториите на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“. Истражувањето има за цел да ги прикаже периодите во кои се појавила, развивала и опстојувала забавната музика. Заради опсежноста на темата тоа е поделено во неколку временски фази: од појавата на забавната музика до 80-тите години од минатиот век, од 80-те години до 1991 година, од 1991 до 2000 и од 2001 до 2020 година.

Истражувачкиот тим ја претстави својата втора фаза во која беше претставен развојот на забавната музика во периодот на осумдесетите години од минатиот век до осамостојувањето на Македонија.
Координатор на проектот и научен истражувач од областа на музиката во телевизискиот медиум е м-р Весна Малјановска.
– Истражувачкиот период од 1980-1991 година не е долг историски период, сепак, се соочивме со обемен материјал кој заради различноста моравме да го поделиме во неколку фази и тоа: фестивали, развој на музичките настани кај нас, забавната музика во телевизиските и радиопрограми кои овие настани ги прави достапни за минатите, сегашните и идните генерации – вели Малјановска.
Истражувачкиот тим во состав м-р Весна Малјановска, м-р Елени Новаковска, д-р Јулијана Папазова и проф. Д-р Александар Трајковски истражуваше на повеќе локации низ Македонија, Хрватска и Србија во архивите и библиотеките во Македонија, Универзитетска библиотека ,,Свети Климент Охридски“, библиотеката ,,Браќа Миладиновци“, Архивот Југославија во Белград, Матица српска во Нови Сад, Свеучилишна бибилотека во Загреб. Базата на податоци ја поткрепија и бројни интервјуа, фотографии, видео и аудиоматеријали.

На овој необичен настан претставен со видеоматеријали собрани од теренското истражување се направи увид во вториот период од забавната музика, интерпретатори композитори и диригенти, телевизиските емисии и се разбира се сето тоа потрепено со незаборавните мелодии од тоа време.
Овој настан поддржан од Минсистерството за култура докажа дека популарната музика има свои историски, естетски вредности кои се развиваат во одреден период и место. Овој детален труд во иднина се очекува да прерасне во монографија за македонската забавната музика која ќе биде наменета за сите оние кои сакаат да ја почувствуваат енергијата која произлегува од оние кои живеат за музиката и претставуваат сведоштво на едно време.






