Проектот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот , 1992-2017“ на авторите: Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски ќе ја претставува Македонија на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција што ќе се одржи од 20 мај до 26 ноември идната година. Aпликацијата e доставена од Здружението за истражување на градот „Градот убав Скопје“, a комесар е Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија на Македонија.
Проектот немал никаква конкуренција зашто бил единствениот пријавен на конкурсот, велат од Министерството за култура.
– Проектот е професионално конципиран и аргументиран со лесно читлива архитектонска порака и ги одразува квалитативните параметри дадени во Конкурсот. Реализацијата нуди можност за интеракција – посетителот одблизу да го осознае проектот, а во исто време да е дел од него – велат од Министерството.
Според образложението, проектот кореспондира со зададената тема на Биеналето, доловувајќи една симболична претстава на стилизираната реконструкција на чардакот на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, како асоцијација за работилницата (workshop), односно лабораторија во која преку минатото ќе може да се создава иднината.
– Препознавањето на лабораторијата, односно работилницата во дејствувањето на Летната школа за архитектура, низ годините успеала да ги прошири границите на архитектурата во теоретска и практична смисла. Со фундаменталните прашања што ги отвора како теми на различните сесии и влијае врз геополитичките трендови и наместо да раздвојува – обединува, поврзувајќи ги различните луѓе, од различните заднини во заедничко дело. На тој начин, Летната школа за архитектура, освен архитектонски, педагошки и естетски карактер, наметнува и еден социјален, културолошки и етички став кон светот – пишува во образложението.
Венециското биенале за архитектура во 2023 година ќе се одржи во Џардини, Арсенале, и на различни локации низ Венеција. Темата е „Лабораторијата на иднината“, а кураторка е Лесли Локо – реномиран архитект, академик, едукатор и романсиер. Во најавата за оваа светски реномирана манифестација таа нагласува дека „архитектите имаат единствена можност да изнесат амбициозни и креативни идеи кои ни помагаат да замислиме заедничка поправедна и оптимистичка иднина“.
Лесли Локо е основачка на Институтот за иднината на Африка (African Futures Institute), основан во Акра, Гана, во 2020 година. Во 2015 година го основала Факултетот за архитектура во Јоханесбург. Предавала во Обединетото Кралство, САД, Европа, Австралија и во Африка. Добитничка е на голем број награди за придонес во едукацијата за архитектурата.





