По десет години дома ќе се вратат 20-те икони кои беа запленети во Албанија во нелегална трговија, за кои се докажа дека потекнуваат од Македонија
Уште 37 икони од Македонија се идентификувани во Албанија за кои ќе следува процес на реституција, рече на вчерашната прес конференција министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. По десет години дома ќе се вратат 20-те икони кои беа запленети во Албанија во нелегална трговија, за кои се докажа дека потекнуваат од Македонија. Двете земји завчера потпишаа Договор за соработка во чии рамки се создаваат услови иконите да се вратат во земјава, отако собранијата на Македонија и Албанија ќе го ратификуваат договорот.
– Уверена сум дека постапката за останатите 37 икони нема да трае десет години – рече Костадиновска-Стојчевска.

Бисера Костадиновска-Стојчевска
Меѓу 20-те икони има многу значајни преимероци, меѓу кои и иконата на Дичо Зограф, вели историчарот на уметност д-р Сашо Цветковски, дописен член на Македонската академија на науките и уметностите.
– Идната година се навршуваат 150 години од раѓањето на овој исклучителен зограф – вели Цветковски.
Тој беше дел од стружниот тим кој во 2013 година правеше увид во галеријата во Тирана, каде беше детектирано нашето културно наследство. Цветковски го наведе бранот на насилно влегување во црквите во југозападниот дел од Македонија, кога беа украдени голем број икони и црковни предмети. Во декември 2013 година, со стручни екипи и со лица од МВР во Тирана правеа увид на иконите.

Сашо Цветковски
– Видовме дека има илјадници предмети украдени од Албанија, Грција и од Македонија. Предноста беше што нашата држава има студиозна и квалитетно изработена евиденција на иконите како културно наследство. Тоа ни беше од голема полза. Исто така, Центарот за културно наследство при МАНУ има голем број истражувања, така што имаме целосна слика за иконите како културно наследство што ги поседуваме – појасни Цветковски.
Тој е дел од тимот кој во изминатите години и беше дел од постапката за враќање на иконите и детаљно го образложи целиот процес на реституција. Разговорите се интензивирале во последната година и се отворила можност за првпат во историјата на нашата држава да се потпишува ваков договор и да се воспоставува систем на соработка во оваа сфера.
– Чинот на реституција на иконите е историски бидејќи и во 70-тите години од минатиот век се правеле обиди за враќање на културно наследство, но тие не биле успешни – истакна Цветковски.

Тој ги поздрави заложбите на Министерството за култура за заштита на културното наследство, но истакна дека на 90 отсто од иконите им е потребна заштита.
Костадиновска-Стојчевска се заблагодари на сите стручни лица од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, МАНУ, Националниот конзерваторски центар, Заводите за заштита на споменцицти на културата и музеи од Битола и од Охрид, кои во изминатата деценија биле вклучени во комплексниот процес на реституција. Таа се заблагодари и до албанската страна со која биле во постојан контакт. Таа напомена дека процесот има посакуван епилог благодарејќи и на професионалноста во почитувањето на одредбите од Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година „за начинот на забрана и спречување нелегален транспорт, извоз и пренос на сопственост на културни добра“ чии потписнички се и Македонија и Албанија.

„Богородица со Христос“ од 18 век
Костадиновска-Стојчевска потенцира дека треба да се вложат напори за заштита на културното наследство од нелегална тргивија.
– Со оглед на тоа што најчесто цел на незаконските изнесувања се археолошките предмети и иконите, мора да се зголемат мерките за поголема безбедносна заштита. Тоа е наша најголема одговорност, на секој поединец и на сите институции. Сите сме должни, секој во својот домен, да се грижиме и да го чуваме националното богатство. Подготвени сме за поголема соработка со МПЦ. Со оглед на тоа што голем дел од сакралните објекти се во непристапни и недоволно населени простори, тие се во ризик. Остануваме отворени за соработка и во делот за користење на депаата на нашите национални установи за привремено депонирање на вредното културно наследство со кое располага Македонската православна црква – рече Костадиновска-Стојчевска.

„Вознесение на св. Илија“, 19 век
Фото: Министерство за култура





