Професорот, за жал, почина лани во ноември на 72-годишна возраст, по неколку месечна битка со тешка болест. Но, неговото семејство со голема љубов и посветеност се грижи за Музејот на стари автомобили, засега единствен во Македонија
Дионис ни остави многу работа. Дали ние ќе ја довршиме или ќе остане за внуците, ќе видиме. Вака нè пречека Грозданка Пашлакова, сопруга на Дионис, најголемиот македонски колекционер на олдтајмери и херој на наградуваниот документарен филм „Со љубов“ на Илија Цветковски.
Тој во 2015 година го отвори првиот Музеј на олдтајмери во Македонија кој се наоѓа во Индустриската зона во Неготино. Беше професор по биологија во гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ кој држеше часови на македонски и француски јазик. Професорот, за жал, почина лани во ноември на 72-годишна возраст, по неколку месечна битка со тешка болест. Но, неговото семејство со голема љубов и посветеност се грижи за Музејот на стари автомобили, засега единствен во Македонија.

Грозданка и тројцата синови – Никола, Димитар и Кирил ја продолжуваат неговата работа и ја надградуваат приказната за старите автомобили. Грозданка, која ја запознавме во филмот како одлична слаткарка која изработува прекрасни торти веќе работи на идејата како да го направи овој Музеј одржлив. За Музејот не се наплаќа билет, туку секој кој ќе го посети, може да остави пари колку што смета дека е потребно. Пред да тргнете да го посетите Музејот на стари автомобили, најавете се и таму ќе ве пречека Кирил.
Планот е веќе изготвен. Пред музејот, на плацот се наоѓа куќа во која живее најмладиот син на Дионис, Кирил. На приземјето, Грозданка планира да отвори слаткарница, каде што ќе се продаваат нејзините слатки, торти, мафини. Гостите кои ќе дојдат да го посетат Музејот тука ќе може да каснат колаче, да се напијат сок или кафе, да се одморат по посетата на Музејот. Грозданка, како вистинска мајсторка за слатки, веќе го има смислено и изгледот на мафините кои се украсени со чоколадна „буба“. Готови се и колачињата со натписот „OLDIONIS“. На заминување, гостите ќе може да купат и ракија, жолта, неготинска. На етикетата на ракијата е плакатот од филмот „Со љубов“.

Професорот Дионис сметаше дека за време на животот човекот треба да остави потомство, а ако дочека да живее педесет, шеесет или повеќе години – треба да остави и некаква трага зад себе. Нему му успеа, бидејќи на синовите им ја пренел работливоста, дисциплината, посветеноста и љубовта кон старите автомобили.
Денес во Музејот има 120 стари автомобили. Освен коли, има и мотоцикли, едрилица, змеј за летање, трактор, булдожер… Браќата, пред смртта на Дионис успеаја да го доградат Музејот кој има два ката. На горниот кат се сместени „фолксваген“, белата „буба“ со црвена панделка што му ја подарија за пензионирањето неговите ученици од последната генерација, седум „опели“, една „симка“, едрилицата „делфин“, макети на едрилици, 24 мотоцикли. Има и велосипеди. Најстариот му припаѓал на неговиот татко, велосипед со помошен мотор, произведен во 1963 година во Ваљево, Србија. Во вториот дел од музејот има 12 возила и 15 мотоцикли закачени на ѕидот. Има и „змај“ делтаплан „Делтавинг“ со кој Дионис аматерски летал. Таму се наоѓа и службеното возило на Лазар Колишевски „опел капитен“ од 1953 или 1954 година. Најстариот автомобил во Музејот е „опел олимпија караван“ од 1950 година. Било амбулантно возило во Ресен.

Во колекцијата на Дионис во музејот има и 20 стари радија, пегли, гитари, значки, автомобилски таблички од возила од повеќе земји… Во својата богата колекција од 120 автомобили Дионис има автомобили од 50-тите, 60-тите и 70-тите години од 20 век.
– Сами ќе почнеме да ги средуваме. Имаме и „дупликати“, ама тие ни служат како делови, така што повеќе од 120 автомобили се – ни раскажува Кирил, кој многу личи на својот татко.
Дионис повеќе се разбирал во моториката. За лимаријата се грижеле мајсторите.
– И ние ја разбираме моториката, ама не толку колку него – објаснува Кирил.

Според кажувањата професорот Дионис во 1971 година купил „фиќо“ и положил за Б категорија. Потоа во 1975 година купил нова „застава 101“ и популарниот „стојадин“ го возел до 2012 година кога се пензионирал. Во 2003 година купил „трабант“. Тоа е му е прв купен олдтајмер. Така сè започнало.
– Ако е вака расфрлано, Дионис сè си знаеше каде му стои. Цел ден ќе струга едно тркало и ќе дојде дома среќен, пресреќен. Си завршил некоја работа. За него и тоа беше работа. Не го интересираа скапи, луксузни работи. Бидејќи беше биолог по професија, имаше една соба со препарирани животни. Имаше и змии во тегли. Немаше нешто што немаше – вели Грозданка.
Таа се потсети како се запознале со Дионис, за неговата љубов кон технологијата, страста кон многу работи… Освен што водел курс за едриличари, дваесет години водел и курс по моделарство во Клубот на народна техника во Неготино. Според кажувањата, тој бил посебно горд на своите шест аматерски радиостаници.

– Долги години водеше аеро и радиоклуб во Неготино и беше страстен љубител на змејови, параглајдери, моделарство. Сите макети на авиони што се изложени тој рачно ги работеше. Вљубен беше во сите техники. Немаше радио аматери во Неготино. Кога беше војната во деведесетите во Југославија, тогаш немаше мобилни телефони. Многу луѓе имаа роднини во Босна и Херцеговина, во Србија и не можеа да воспостават врска. Доаѓаа кај нас на гости и тој преку радиоврски ќе ги најдеше роднините од таму, дали се живи и здрави. Им помагаше. Многу го влечеше техниката. Се што беше ново, сакаше да го знае, иако имаше 72 години. За него, во градот се велеше дека е 30 години пред времето, во секоја смисла на зборот. Ние така се запознавме со Дионис, во клубот за радиоаматери. Кога полагав, тој ми беше професор по Морзеова азбука – се присетува Грозданка.

Дионис, како голем љубител на авиони, сакал од спортскиот аеродром во Свети Николе да земе лимен авион и да го стави горе на објектот, за да може Музејот на олдтајмери од далеку да се препознава.
– Тој сакаше да му ја врати автентичноста на Неготино. Сите му викаа, море Дионис, фрли ги тие ѓубриња, купи си мерцедес. Но, тие не ја разбираа неговата страст и љубов кон старите автомобили – ја завршува својата приказна Грозданка.

Подготвил: (А.У.)
Фото: (А.У.)





