Бесправното преземање фотографии, непочитување на авторските права, отежнат пристап до настани од јавен интерес се дел од проблемите со кои денес се соочувата фоторепортерите во Македонија. Состојбата во оваа професија беше во фокусот на средбата на секцијата на фоторепортери при Здружението на новинарите на Македонија со раководството на ЗНМ.
Фоторепортерите се соочуваат со повеќе предизвици. Велaт дека е потребен институционален пристап за подобрување на условите и практичен притисок за интензивни средби со одговорните лица кои ги планираат и организираат настаните во име на јавните институции.
– Потребна е и дополнителна промоција на правата на фоторепортерите и фактот дека нашиот авторски труд треба да се почитува и цени како од страна на медиумите така и од страна на институциите – велат фоторепортерите.
Според фоторепортерот Роберт Атанасовски, особено се важни ваквите средби зашто така се споделуваат проблемите и се нудат заеднички решенија за да се променат нештата. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски рече дека во многу сегменти фоторепортерите ги делат истите проблеми како и новинарите и останатите медиумски работници.
– Потребно е да продолжиме со солидарниот пристап и заедништвото во работата како на вас фоторепортерите, така и на новинарите како предуслов за унапредување на професионалноста – вели Чадиковски.
Фоторепортерите ја поздравија инцијативата за обуки за унапредување на безбедноста на фоторепортерите и професионалната етика. Како плод на досегашната успешна соработка беше дискутирана публикацијата – прирачникот за следење на настани од висок ризик во кој се претставени меѓународни стандарди и процедури што се применуваат кога фоторепортери известуваат од настани со висок ризик.
Фоторепортерот Петр Стојановски истакна дека ова е одлична можност да се поразговара на важни теми кои директно ги засегаат фоторепортерите и да се направат обиди за обезбедување на нормални услови за непречена работа на фоторепортерите кога следат разни настани или протести. Стојановски и Атанасовски се избрани за координатори за идните активности на секцијата кои заедно со извршната канцеларија на ЗНМ во иднина ќе ги организираат активностите на секцијата на фоторепотери при ЗНМ.
Насловна фотографија: ЗНМ





