Со сребрен медал се закити нашата репрезентација што во Анталија, Турција учествуваше на втората Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД). Медалот го освои Софија Велковска, ученичка во трета година, а солидно се претставија и: Сара Стефановска од Крива Паланка, Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид.
Тимот го раководеа лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Овие ученички беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, што редовно го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 33-ти пат.
Заедно со овој медал, македонските ученици на интернационалните информатички олимпијади само оваа година имаат освоено вкупно 5 сребрени медали, 5 бронзени медали и 3 олимписки пофалби, што е резултат со кој би биле задоволни и многу поголеми и побогати земји во светот.

Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар наменет само за ученички, што како иницијатива потекна од успехот на Европската математичка олимпијада за девојки. Форматот на натпреварот е сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање на соодветни ефикасни алгоритми. Натпреварот е исто така придружен и со социјални настани, како што се екскурзии, за време на кои учесниците можат да стекнуваат нови пријателства едни со други, како и да разменуваат дел од своите национални култури. Секоја земја – членка на ЕОИД заедницата учествува со свој тим составен од најмногу 4 натпреварувачки, избрани преку националните натпревари во програмирање.

На олимпијадата учествуваа 95 ученички од 27 европски земји. Дополнително, како претставници на земји-гости на ЕОИД, во неофицијална конкуренција учествуваат и 60-ина ученички од 15-ина земји надвор од Европа (како САД, Канада, Саудиска Арабија, Бразил, Сингапур и др.).
Главни организатори на ЕОИД 2022 се Министерството за индустрија и технологија, како и Научно-технолошкиот истражувачки совет на Турција.
Третата Европска олимпијада по информатика за девојки ќе се одржи в година, во Лунд, Шведска.





