Одобрени 73 учебници за средношколци, за 457 предмети авторите не покажале интерес да ги напишат

Вкупно 73 учебници за средно стручно четиригодишно образование, за општо-образовни предмети и за Математичко-информатичката гимназија се одобрени од Педагошката служба, соопшти Министерството за образование и наука. Според МОН, на конкурсот објавен за учебници за прва година по 72 предмети, доставени се ракописи за учебници за 33 предмети. По повикот формирани се авторски тимови за 32 предмета. За 7 предмети авторите не покажале интерес. Педагошката служба досега донесла одлука за одобрување учебници за 39 предмети.

– Кај учебниците за втора година, од побараните ракописи за 207 предмети, за 50 предмети немало интерес кај авторите. За втора година средно стручно четиригодишно образование и општо образовни предмети, досега се одобрени 27 учебници – информираат од МОН.

За трета година, по објавениот конкурс за учебници за 366 предмети, доставени се ракописи за 134 предмети, а по повикот формирани се авторски тимови за 51 предмет. За 181 предмет авторите не покажале интерес за изготвување учебник. Педагошката служба досега одобрила 7 учебници.

По конкурсот за издавање учебници за четврта година, објавен за 319 предмети, доставени се 100 ракописи, за 219 предмети немало доставено ракописи, по што е објавен повик за авторски тимови. Формирани се 50 авторски тима.

– Министерството за образование и наука ги охрабрува авторите да учествуваат на конкурсите за изготвување учебници. Вложувањето во знаењето на младите денес ја креира иднината на државата – апелираат од МОН.

Насловна фотографија: Архива

Сподели