Се проценува дека околу 600 тони отпад има во околината на Преспа, кои во голема еко-акција што ќе трае еден месец општина Ресен ќе го исчисти
Актери, водители, јавни лица, заедно со општината Ресен ќе се обидат да влијаат врз јакнењето на свеста да не се фрла отпад на недозволени места и да не се создаваат диви депонии со еко-акцијата „Чиста Преспа, моја Преспа“. Кампањата ја започнаа вчера на Светскиот ден на животната средина, а ќе трае еден месец.
– Ќе се чистат плажите во Стење, Коњско, Претор, Природниот парк Езерани и островот Голем Град. Секој нека тргне од својот двор, улица, од своето маало, а ние како општина со сите ресурси ќе се потрудиме да ја направиме Преспа најчиста во нашата држава – рече градоначалникот Живко Гошаревски.

Извор: Јутјуб (Телма Тв)
Во близина на Преспанското Езеро има 17 депонии кои ќе се исчистат, а се проценува дека ќе се соберат 600 тони отпад. Ангажирано е ЈП „Пролетер“, како и друга фирма за чистење на поголемите депонии. Воедно ќе биде уредена површина од еден километар со плажи, велат од општината.
– Крајно решение би било да се интензивира казнената политика – рече Ајман ал Малла, раководител на Секторот за животна средина во Ресен.
Не ги фрлајте батериите и шишињата во езеро, зашто нема да се наполнат нит батериите, нит шишињата. Се фрлаат во корпа. И кога ќе ни дојдат туристите в година, ќе ги истренираме и тие да ни ја чуваат природата. Преспа ни е една и да ја чуваме, луѓе“, ваква духовита порака упати актерот Владимир Тулиев од серијата „Преспав“ на почетокот на едномесечната акција за чистење на дивите депонии во Преспа.





