11 октомври 1941: Борбата меѓу Давид и Голијат

Во нападот учествувале вкупно 16 борци од Одредот кој броел 37 лица. Речиси сите биле млади луѓе во своите рани дваесетти години, а имало дури и помлади

Пишува: проф. д-р Марјан Иваноски, историчар

Библиската епизода за Давид и Голијат речиси секому е позната. Младото момче Давид единствено решило да му се спротивстави на избраникот на филистејската војска Голијат. Голијат бил енормно висок човек, за неговата висина нема точни податоци, но се претпоставува дека била приближно до 3 метри и бил потомок на рефаимските џинови. Давид, потпирајќи се на својата вера, бил убеден дека ќе може да го убие Голијат и тоа и се случило. Голијат вооружен со меч и оклоп тргнал против Давид кој бил вооружен единствено со праќа и камен. Со каменот го удрил Голијат по челото кој од ударот паднал на земја и со неговиот меч му ја отсекол главата, по што Филистејците се разбегале.

Мотивите и желбата да се зачува својата земја и народ, со помош на Бога, во него родиле позитивно размислување дека може да победи. Позитивното размислување е главниот двигател за успех на секое поле. Победничкиот ум и менталитет е исклучителна карактеристика на оние кои се одлучиле за крупни нешта во нивните животи.

Токму победничкиот ум и менталитет биле својствени за оние млади Македонци кои се решиле во безнадежната 1941 година да влеат надеж. Уште од првите денови на фашистичката окупација на Македонија, Македонците преку најразлични форми на отпор и противење на новиот режим, како и прибирање оружје, извршување диверзантски акции и вооружени судири со окупаторските сили, недвосмилено покажаа дека се подготвени за долготрајна и исцрпувачка борба за слобода.

Денот на востанието се случил во периодот кога силите на Оската го достигнувале својот зенит и доживувале успеси на фронтовите. Кога многу народи не ни помислувале на вооружен отпор, тоа се случуваше во Југославија и Македонија. Младите македонски борци од Прилепскиот партизански одред на 11 октомври 1941 година во Прилеп извршиле напад врз бугарската полициска станица, затворот и биле прекинати телефонско-телеграфските врски и електричната инсталација. Во нападот учествувале вкупно 16 борци од Одредот кој броел 37 лица. Речиси сите биле млади луѓе во своите рани дваесетти години, а имало дури и помлади. На денот на нападот немало загинати македонски партизани. Ден потоа, на 12 октомври, бил формиран Кумановскиот партизански одред, кој извршил неколку акции во Кумановско: одржал митинг во селото М’гленце, извршил напад во манастирот „Св. Прохор Пчински“. Тогаш припадниците на бугарската окупаторска полиција се повлекле, а во селото Молотино на 17 октомври во судир со бугарската окупаторска војска, по неколкучасовна битка, одредот бил разбиен. И покрај краткиот успех, македонските борци им најавија на окупаторските сили долготрајна борба сè до конечно ослободување на македонскиот народ. За бугарскиот фашистички окупатор тоа беше голем политички пораз, затоа што не бираше средства во ширењето на својата големобугарска пропаганда. Додека за македонските борци тој настан беше голема победа, затоа што народот ги прифати, ги поддржуваше и ги помагаше на различни начини.

Пред секоја голема победа стои голем противник. Како што пред Давид стоеше горостасот Голијат, пред македонските борци во 1941 година стоеше бугарскиот фашистички окупатор сојузник на нацистичка Германија, најголемата воена сила во Европа. Но, македонските борци беа мотивирани од народот, затоа што произлегоа од народот. Иако 1941 година беше една од најтешките години за човештвото, сепак македонскиот народ во тоа кризно и тешко време не се откажал од надежта, од надежта дека Македонија ќе биде слободна. Расположението создава атмосфера, а атмосферата го дава правецот по кој треба да се движи еден народ и држава. „Смрт на фашизмот-слобода на народот“, „Македонија ќе биде слободна“, „Да живее слободна Македонија“ се само дел од извиците на народот за време на окупацијата. И токму таа победничка атмосфера, во време и услови кога реално најмалку се очекувала победа, ги исфрлила партизанските одреди кои подоцна прераснаа во покрупни воени формации и ги протеруваа окупаторите.

Дали ќе се оправда мудрата изрека „Историјата е учителка на животот“? Што можеме да научиме од историјата и да го примениме денес? За да одговориме на ова прашање треба да се запрашаме каква атмосфера создава денес македонскиот народ? Сите сме свесни за кризите со кои се соочуваме секојдневно како економски, здравствено, енергетски, како и разно-разните уцени од нашиот источен сосед и сл. Дали победничкиот дух од 1941 ќе се врати меѓу народот или ќе си продолжиме со негативната перцепција кон државата. „Зашто од преполнетото срце зборува устата.“ (Библијата: Евангелие по Матеј 12:34) Што изговараме тоа и ќе го живееме: „Смртта и животот му се потчинети на јазикот, и оние што го владеат, ќе вкусат од плодовите негови.“ (Библијата: Изреки 18:21). Тоа е апсолутна вистина запишана во вечната книга Библијата. Народот што ја создаваше атмосферата во 1941 година ги вкуси плодовите во 1944 година, а од атмосферата што ја создаваме денес какви плодови ќе вкусиме утре?

Насловна фотографија: Првоборците од Прилепскиот партизански одред Мице Козар и Трајко Бошковски-Тарцан (Од монографијата: „НОБ на Македонија“, Скопје 1962)

Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.

Сподели