Надја Теранова: Децата не треба да ги убедуваме да читаат, тоа треба да им биде задоволство

Идејата да бидам преведена надвор од мојата земја и јазик е една од причините што ме прави најгорда во оваа работа, изјави Теранова за Умно.мк

„Секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“ е темата на која вечерва во 19.30 часот во киното „Фросина“, италијанската писателка Надја Теранова и Моника Компаникова од Словачка ќе разговараат заедно со Билјана Црвенковска и Александар Маџаровски. Нивниот настап е во рамките на 8. Фестивал за литература „Букстар“. Заедно со останатите гости на фестивалот, Теранова и Компаникова ќе учествуваат и на книжевното читање со наслов „Храбри нови светови“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Теранова е писателка за деца и за возрасни. Родена во Месина, дипломирала филозофија на универзитетот во овој град, па докторирала модерна историја на Универзитетот во Катанија. Од 2003 година живее во Рим, кога почнала и да пишува детски книги. Уште со својата прва книга „Годините наопаку“ во 2015 година ја пофалија критиката и освои неколку награди. Нејзиниот втор роман „Збогум сеништа“ беше финалист на познатите италијански награди „Стрега“ во 2019 година, а „Кориере дела сера“ ја рaнгираше на шесто место на нивната листа со најдобри книги од 2018 година.

Во 2021 година го направи нејзиниот прв графички роман „Караваџо и девојчето“. Лани таа беше и член на жирито на селекцијата „Хоризонти“ на 78. Интернационален филмски фестивал Венеција.

Овие неколку дена Теранова е гостинка на Скопје. Вели дека градот ја фасцинира. На прашањето дали се радува кога нејзинот дело е преведено на некој друг јазик, таа одговара:
– Идејата да бидам преведена надвор од мојата земја и јазик е една од причините што ме прави најгорда во оваа работа – вели Теранова за Умно.мк.

Со нејзините книги за деца таа има учествувала на големи саеми и фестивали. Еден од нив е Саемот во Болоња.
– За мене, саемите се секогаш добри искуства и Саемот во Болоња е сон за секој писател за деца. Тоа е цел жив свет, полн со интересни луѓе и приказни – цели Теранова.

Како да ги измотивираме децата денес да сакаат да читаат? Се чини дека ова прашање е горливо за новите генерации.
– Децата не треба да бидат убедувани да читаат. Тоа треба да биде само задоволство. Мислам дека секогаш се појавува доба кога се раѓа љубопитноста и таа расте, тогаш треба да знаете како да ја култивирате на вистинскиот начин, но тоа не мора да биде обврска – вели таа.

Периодов авторката чита и фаќа приблешки за својот нов роман, а наскоро се очекува да биде испечатен.
– Наскоро приказната ќе биде објавена во издание на Гванда од Палермо, Сицилија. Многу се гордеам на оваа книга – вели Теранова.

Сподели