Во рамки на јавната дебата „В/редности и вредности“ денеска во Народната банка ќе се одржат две панел-дискусии, за култура и за наука. Во рамките на истоимената изложба со која одбележуваат 30 години монетарна самостојност на Македонија, врвни експерти и професионалци од областа на уметноста и природните науки ќе дебатираат за новите глобални економски предизвици и соочувањето со нив, за создавањето на културните и уметнички вредности.
Панелот „Мерливоста на вредностите: интеракции“ почнува во 11 часот. Оваа панел-дискусија е посветена на вредностите создавани од уметниците и ставањето на овие вредности во општествен контекст како средства за акција и канали за комуникација. Воведно излагање ќе има раководителката на Музејот на Народната банка и авторка на изложбата „В/редности и вредности“, Катерина Христовска, а ќе дискутираат директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, Пеце Талески, продуцент од „ОХО продукција“, археологот Гоце Наумов од Археолошкиот музеј, Илина Јакимовска, универзитетската професорка на Институтот за етнологија и антропологија и актерката Драгана Костадиновска од Македонскиот народен театар. Модератор на дебата ќе биде новинарката Ана Зафирова.

Во 13.30 часот ќе почне третата панел-дискусија „Мерливоста на вредностите: комплементарности и спротивности“. Панелисти се истакнати и меѓународно признати професионалци од областа на природните науки. Тие ќе дебатираат за степенувањето на фундаменталните вредности и како може индивидуалното знаење да придонесе кон одржување на вредностите во општеството. Учесници на панелот се Петар Кајевски, меѓународен ИТ-консултант кој работи во Виена и член на „Македонија 2025“, Зоран Ивановски, професор на Институтот за електроника при ФЕИТ, Никола Стиков, професор на Институтот за биомедицинско инженерство на Политехничкиот универзитет на Монтреал, професорката Ана Угринска од Институтот за позитронско-емисиона томографија при УКИМ, Деан Богоевски, висцерален хирург на клиниката „Асклепиос Вандсбек“ во Хамбург и Митко Хаџи Пуља, професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ. Претседавач на оваа панел-дискусија ќе биде Горан Стојановски од „Скејл фокус Македонија“ (Scale Focus Macedonia), поранешен професор на ФЕИТ.
Панелите можат да се проследат во живо на Фејсбук и Јутјуб каналот на Народната банка.





