Започнува најстариот филмски фестивал, „Најсреќниот човек на светот“ премиерно на 2 септември во Венеција

Веднаш по Фестивалот во Венеција, „Најсреќниот човек на светот“ ќе има и северноамериканска премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто, кој ќе се одржи од 8 до 18 септември

Пишува: Сребра Ѓорѓијевска, наш специјален известувач од Венеција

Хорор-комедијата White noise со Адам Драјвер во главната улога, вечерва во 20.30 часот ќе го отвори 79. Венециски филмски фестивал. Најстариот филмски фестивал во светот е подготвен да ги пречека филмските ѕвезди, таленти, да им помогне на помладите да си ги остварат своите соништа. Вечерва премиера ќе има и филмот „Тар“ со Кејт Бланшет во главната улога, а Катрин Денев ќе добие награда за животно дело. Публиката нестрпливо ја очекува и американската ѕвезда Џулијан Мур, која годинава ќе го предводи жирито во официјалната селекција.

Фестивалот на Лидо годинава е радост и за македонската кинематографија. По две децении, откако во 2001 година Милчо Манчевски имаше премиера на „Прашина“, повторно имаме македонски филм со светска премиера. „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска в петок, на 2 септември во салата „Дарсена“, ќе биде дел од програмата „Хоризонти“. Филмот работен според сценариото на Елма Татарагиќ и Теона Митевска, е во конкуренција за осумте награди што се доделуваат во оваа категорија. Актерката екипа на филмот, заедно со авторите ќе има можност да го доближи филмот на светската критика и публика.

„Најсреќниот човек на светот“ говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесет годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.

Џулијан Мур

Веднаш по Фестивалот во Венеција, „Најсреќниот човек на светот“ ќе има и северноамериканска премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто, кој ќе се одржи од 8 до 18 септември. Последен македонски филм што учествувал на најголемиот фестивал на северноамериканскиот континент е „Мајки“ на Милчо Манчевски во 2010 година, а пред тоа – „Илузија“ на Светозар Ристески во 2007-ма.

Официјалните проекции ќе се одржуваат на 9 септември во киносалата Scotiabank 13 – 310, со почеток во 21.15, и на 10 септември во киносала Scotiabank 9 – 192, со почеток во 21.45.

Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.

Сподели