Хелена Тшештикова, една од најпознатите документаристки од Чешка и почесна гостинка на 13. издание на фестивалот „МакеДокс“ што се одржа во Europe House Скопје
„Уште во раната младост многу сакав да пишувам дневник, по примерот на Ана Франк, и тоа го правев секојдневно. Кога почнав да се занимавам со снимање филмови сакав да го задржам истиот дневнички запис, овојпат направен со камера“, го почна својот мастерклас режисерката Хелена Тшештикова, една од најпознатите документаристки од Чешка и почесна гостинка на 13. издание на фестивалот „МакеДокс“ што с еодржа во Europe House Скопје.

Тшештикова зборуваше за својата документаристичка работа и специфичен метод (тајм-лапс) на снимање на филмовите. Модератор на мастерот беше Туе Стен Милер, данскиот консултант за документарци и филмски критичар. Првиот проект што почнала да го снима со „тајм-лапс“ методот се „Брачни приказни“. Почетокот на приказните е на свадбената церемонија на избраните брачни партнери, а потоа приказните продолжила да ги снима со истите партнери по 20 и по 35 години брак, а тој проект е активен до денес.
Најпознатиот филм, за кој ја доби и наградата на Европската филмска академија (ЕФА) во 2008 година е „Рене“, за младиот деликвент Рене Плашил. Проектот почнал во 1988 година, кога биле избрани пет млади деликвенти. Ги снимале со камера три години и во тој период сфатила дека Рене е најпаметен и најавтентичен како карактер, што било клучно за да направи филм со неговата животна приказна.
Во текот на снимањето се случувале многу непредвидени работи. Еднаш дури Рене го ограбил нејзиниот дом.
– Моето семејство жестоко реагираше, но продолжив да ја снимам неговата приказна – вели Тшештикова.

Од 33 години снимање на животот на Рене излегоа два филма „Рене“ (2008) и „Рене – Затвореник на слободата“ (2021). Со вториот филм беше отворена програмата Земја во фокус – Чешка, на 13 „МакеДокс“.
– Документаристот мора добро да го осмисли крајот на филмот, бидејќи снимањето трае со години, треба да биде подготвен на непредвидени работи. И Кадифената револуција во Чешка се случи како непредвидена работа и влијаеше врз филмот за Рене. Документаристот треба да биде подготвен да направи промени во планот за снимање и во приказната, да знае да комуницира со продуцентите, бидејќи тие работат со фиксен дедлајн и постојано потсетуваат дека снимањето на филмот не може да трае вечно – вели режисерката.
Во однос на комуникацијата со протагонистите таа вели дека редовно се слуша со повеќето од нив, навлезена е во нивните лични животи, но и тие се навлезени во нејзиниот живот. Не сака да снима филмови за ѕвезди, туку за едноставни, обични и автентични луѓе за кои смета дека имаат интересен живот за филмска приказна. Единствен исклучок одова правило е документарниот филм за големиот чешки режисер Милош Форман, кој го направила бидејќи делата на Форман имале големо влијание таа да почне да се занимава со филмската уметност.
– Никогаш не сум прекинала контакт. Целата работа ја правам по сопствена волја, никој не ме тера на тоа и затоа сум постојано посветена на моите протагонисти и нивните приказни. Никогаш не сум се откажала проект и никогаш не се предавам – рече Хелена Тшештикова на крајот од својот мастерклас.

По мастеркласот Туе Стен Милер, почна со реализацијата на работилницата за развој на идеи. Учесниците на работилницата се режисери и продуценти со краткометражни или долгометражни креативни документарни проекти во развој, продуцирани или копродуцирани во Грција, Албанија, Бугарија, Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Романија и Турција. По два дена на групни и индивидуални сесии, резултатите од работилницата ќе бидат презентирани на утре во рамките на 4-тото издание на МакеКоПроДокс форумот.





