Конзервирани оштетените ѕидови на театарот во Стоби

На античкиот град Стоби заврши конзервацијата и реставрацијата на најоштетените ѕидови од театарот каде имало сериозна опасност од уривање. Стручните екипи работеле и на конзервација на мермерните елементи од сцената (scaenae frons), но поради топлото време активностите се сопрени и ќе продолжат во септември, информираат од археолошкиот локалитет.

– Археолошките истражувања и конзерваторските зафати се одвиваа помеѓу радијалните ѕидови од супструкцијата на горниот дел од гледалиштето. Лани на овој простор беа откриени остатоци од две фази на скали кои воделе од надворешниот циркуларен коридор, директно на патеката меѓу двата сегмента на гледалиштето. Годинава беа истражувани слоевите и нивоата поврзани со изградбата на скалите, а беа истражувани и нивоа на употреба на просторот меѓу радијалните ѕидови, формирани по напуштање на театарот, во текот на доцната антика и средниот век. Ископувањата беа во рамките на конзерваторско-реставраторските зафати за отворање на сите оштетени делови на ѕидовите – пишува на интернет страницата на Стоби.

Активностите почнаа во април, а завршија кон крајот на јули. Реализирани се 94 отсто од буџетот од 1.600.000 денари од Министерството за култура за 10. сезона од проектот за Конзервација, реставрација и доистражувања на римскиот театар во Стоби. Во септември ќе се дотрошат и последните предвидени средства.

Театарот во Стоби бил еден од најголемите објекти за масовна забава во римската провинција Македонија кој можел да прими околу 7.000 гледачи. Изграден е многу блага падина и има комплексна супструкција под гледалиштето каде што се лоцирани и коридорите за циркулација на публиката. Максималната зачуваност на ѕидовите изнесува околу 6 до 7 метри од некогашните максимални 20 метри. Истражувањата на театарот почнаа во 2009 година, а конзерваторско реставраторските зафати во 2013 година.

Фото: НУ Стоби

Сподели