Stoned Hedge е млад инди-рок бенд од Тетово. Промоцијата на албумот е закажана за вечерва во 19 часот на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје
Тетовскиот млад инди-рок состав Stoned Hedge денеска го објави својот деби-албум Hello World. Промоцијата на албумот е закажана за вечерва во 19 часот на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје. Албумот го издава „Пасворд продакшн“, а од денес е достапен на поголемите дигитални музички платформи како Spotify, Apple Music, Amazon Music, Deezer, Tidal, Youtube, Bandcamp. Албумот е достапен за преслушување и преземање на овој ЛИНК.
– Ако ви се допаѓа нивната музика, ќе имате можност да го поддржите бендот преку купување на merch-от кој што ќе биде изложен на слушачката промоција вечерва пред МКЦ – велат од „Пасворд продакшн“.
Stoned Hedge е млад инди-рок бенд од Тетово, формиран во 2018 година. Почнуваат со преработки насекаде низ Македонија, а лани во август почнале да создава авторска музика. Бендот е составен од: Ангела Маринковска – вокал, Исмаил Камбери – гитара, Дејан Томовски – бас и Марко Стојчевски – тапани.
Албумот Hello World содржи 8 песни кои жанровски се движат во рамките на алтернативниот рок. Подготвени се за само четири месеци, а снимени и продуцирани од страна на Дени Крстев (Bernays Propaganda, My Tear) во „Студио 1060“.

Кавер на албумот
Васко Атанасовски (Bernays Propaganda, 21 Vek) за бендот од Тетово вели:
– Тоа што овие млади луѓе го направија во толку краток период е навистина за восхит – големи и неверојатно мелодични песни кои лесно ќе ве заведат со својата питкост и искреност и ќе ве однесат во светот и борбата на убавите, чесните и младите. Станува збор за една борба со силен и невидлив противник, но Stoned Hedge во стил на искусни борци со неверојатна леснотија на сите нас ни покажаа дека со талент и чисто срце може да звучиш и изгледаш светски. Да – тука станува збор за светска класа на трагот на Guano Apes и Portishead – вели Атанасовски.
Фото: „Пасворд продакшн“





