Мислев дека е невозможно да ја свирам „Кармина Бурана“ – Стефан Миленковиќ на „Охридско лето“

Познатиот виолинист вечерва, во 21 часот на сцената на Долни Сарај ќе настапи на фестивалот „Охридско лето“. Тој ќе свири со ансамблот „Камерата Нови Сад“

„Отсекогаш сакав да ја свирам ,Кармина Бурана’, но сметав дека тоа е невозможно. Бидејќи ова дело е напишано за голем оркестар, неколку хора и две пијана, ми се чинeше дека секој обид композицијата да се ,скроти’ за помала формација би бил во најмала рака исклучително тежок“, вели познатиот виолинист Стефан Миленковиќ кој вечерва, во 21 часот на сцената на Долни Сарај ќе настапи на фестивалот „Охридско лето“. Тој ќе свири со ансамблот „Камерата Нови Сад“. На програмата се: Џ. Гершвин: „ Три Прелудиуми“, аранжман на Јаша Хајфец, и аранжман за виолина и гудачки оркестар на Владимир Корац, А. Пјацола (арж. Л. Десјатников): „Лето“, „Квин“/Фреди Меркјури: „Бохемиан рапсоди“, аранжман на Стефано Кабрера и К. Орф: „Кармина Бурана“, аранжман на Ана Крстајиќ.

– Неодамна се запознав со Ана Крстајиќ и со нејзиниот несекојдневен и разновиден композиторски стил. Тогаш знаев дека визијата може да стане реалност – вели Миленковиќ.

Уникатното дело на Орф се заснова на 254 манускрпити на средновековни песни од 11, 12 и 13 век откриени во бенедиктинскиот манастир во Бојерн, Баварија. Песните се дело на Голијардите- верски студенти, уметници и музичари кои ја пропагирале идеологијата на уживање и препуштање. Пишувале песни кои истовремено биле креативни, дрски и бунтовни, но и иронични, полни со хумор и пред сé – песни кои го слават животот. Иако овие поеми се откриени во 1847 година, Карл Орф не дошол во контакт со нив до 1934 година кога со помош на Михаел Хофман, студент по право и латински јазик направил селекција на 24 песни за кои одлучил да напише музика во форма на „сценска кантата“.

– Орф бил голем поборник на драмскиот концепт Тheatrum Mundi – Театар на светот во кој музиката, движењата и говорот се неразделни. Тука органски совршено се вклопува едно од бунтовните начела на Голијардите кое вели: „животот има огромен елемент на Среќа и Случајност- еден вид „тркало на среќата“ – вели Миленковиќ.

Овој концепт симболично се провлекува во целото дело „О фортуна“ (О среќа), првиот став се повторува и на крајот, додека пак внатрешните ставови имаат форма на круг и се враќаат на почеток, како да ја „гонат сопствената опашка“, или пак, како да имаат еден вид мантричен квалитет на хипнотичко повторување. Тагата се претвора во среќа, очајот во надеж… Кога ќе го земеме сево ова предвид, јасно е дека тука постоел потенцијал за неодоливо „игралиште“ на генијалната креативност на Орф.

– А ние уметниците? Стегната камерна формација, потполна слобода и препуштање на мигот во интерпретацијата, неограничени енергетски хоризонти… Јас сум убеден дека ние на сцената, земајќи го во прегратка ова монументално дело, се враќаме кон првобитната, интимна и непосредна верзија на оригиналната форма на овие песни кои се свиреле во средниот век, ги рецитирале и ги пееле во мали групи Голијардите – полни со полет, сатира и бунт, но пред сè полни со љубов и незгаслива желба да се живее – вели Миленковиќ.

 

Ансамблот „Камерата Нови Сад“, до неодамна познат под името „Камерата Академика“ од Нови Сад е основан во 1988 година во рамките на Академијата за уметности во градот. На почетокот уметнички директор на ансамблот е виолончелистот Иштван Варга и настапуваат во сите големи градови во поранешна Југославија, на сите значајни фестивали како и на турнеја во Германија и Холандија. Оркестарот остварува бројни трајни снимки за радио и ТВ, и успешно делува сè до 1999 година кога заради околностите престанува да постои. Ансамблот е обновен во 2007 година од виолончелистот Марко Милетиќ кој имал идеја да ја продолжи успешната традиција на Варга. Оркестарот го сочинуваат најдобрите студенти на академијата, професори, асистенти, доценти, а репертоарот е широк и успешно настапуваат со угледни солисти и диригенти. Оркестарот е еден од главните двигатели во кампањата за добивање на титулата Европска престолнина на културата која Нови Сад ја доби во 2022 година.

„Камерата Нови Сад“ редовно настапува на значајни фестивали во Србија, а минатата сезона настапиле на отворањето на првата градска концертна сала во Нови Сад, гостувале на фестивалот во Котор и на фестивалот за камерна музика во Нови Сад. Тогаш го почнуваат и проектот „Кармина Бурана“ со Стефан Миленковиќ. Уметнички раководител на ансамблот е Марко Милетиќ, а концерт мајстор е Роберт Лакатош. Од минатата сезона „Камерата Нови Сад“ е официјално градски камерен оркестар и работи под закрилата на Културниот центар на Нови Сад.

Сподели