„Ерихон“: Музиката што ја создаваме повикува на себесогледување  

„Ерихон“ се: Бранко Букушовски – вокал, Огнен Златанов – гитара, Наум Кутлешовски – бас-гитара, Лука Митев – саксофон и Столе Стојановски – клавијатури. За нив музиката е вид лествица, односно средство за сопственото усовршување, а не крајна цел

Пишува: Александра Јуруковска

„Ерихон“ е бенд создаден пред две години во Скопје. Тие ја создадоа музиката за филмот „Уметност над уметностите“, чија премиера беше на „Македокс“ во 2021 година, а оттаму тргна и идејата за да создадат група. Шестмина млади музичари, ентузијасти се собираат да го остварат тоа. Еден неофицијален член од бендот им го дава на располагање својот дом за да го претворат во мало студио, каде што се создава нивниот прв албум „Невечерен ден“. Првенчето претставува воскресение на византиската музика врз која се вметнуваат рок и пост-панк примеси и прогресии и речиси е при крај неговата подготовка. Продуцент на албумот е Горан Трајкоски.

Колку и кои се членовите на бендот е прашање од второстепено значење, бидејќи пред сè , важна е музиката која ја создаваме, односно текстовите, што имаат за цел тие да покажат или предизвикаат кај слушателот – велат тие. Разговараме со овие посветени млади музичари, за кои и самото име „Ерихон“ нема едно единствено значење, туку  е еден вид праслика.

Петтемина членови се скромни и никој не сака да се истакнува или да предничи пред другите. Ова е разговор со Бранко Букушовски како вокал, Огнен Златанов – гитара, Наум Кутлешовски – бас-гитара, Лука Митев – саксофон и Столе Стојановски – клавијатури или момците за кои музиката е вид лествица, односно средство за сопственото усовршување, а не крајна цел.

– Ерихон е еден од најстарите живи градови, поранешен Израел, денес се наоѓа во Палестина. Познат е како град кој бил седум пати заобиколен, за седум дена, од Израилевите синови, чии затрубувања ги срушиле неговите ѕидини. Тоа е периодот кога избраниот народ ја освојува ветената земја. Старозаветно гледано овие настани се препеани во Освојување/Ослободување. Раав, ерихонската блудница е во родословното стебло на Христос, исто така лекувањето на двајцата слепи (Мт 20, 29) и качувањето на смоквата на началникот на митниците Закхеј (Лу 19, 2) за да го види Христос, се случило во Ерихон. Лично за нас како бенд, Ерихон нема едно и конкретно значење, тој е и слика и праслика – вели Букушовски.

Евидентна е длабоката поврзаност со црковно-византиското пеење, со христијанството  и библиските мотиви. Тие велат дека нивната поврзаност со христијанството ги надминува границите на традиционалната припадност и идентификување.
– За поголемиот дел од нас христијанството е пред сè начин на живот и смисла на човековото постоење. Оттаму и библиските мотиви и поврзаноста со византиското пеење кое што е најавтентичен музички израз на источното православно христијанство – вели младиот Митев.

Мизар, Падот на Византија, Анастасија се дел од влијанијата врз „Ерихон“, се разбира, тука се и влијанијата на странски бендови.

– Од младата публика која нè слуша или од врсниците кои што нè поддржуваат доаѓаме до знаење и заклучок дека гореспоменатите бендови или слични на нив кои потекнуваат од овие простори, успешно го оставиле и го остават својот белег врз македонската музичка сцена и на нејзините вистински слушатели. Иако се фокусираме на слушање и црпење инспирација од домашните творци, од странските бендови би ги спомнале Joy Division, Depeche mode, Pink Floyd, She past away…- велат тие.

Прва песна што ја објавија беше „Освојување/Ослободување“ и таа одлично се проби низ круговите на младите љубители на алтернативната музика, но добро е прифатена и од повозрасните, односно првите фанови на Мизар, Анастасија, Падот на Византија…

– Сепак, јасно ни е дека оваа музика што ја твориме, не е популарна и согласно тоа не може да има широки размери на слушателска публика. Секој лично треба да ја прими и разбере. Бунтот во песните обично музиката го изнесува однатре кон надвор со што сака да направи надворешни промени во заедницата или општеството на кое му припаѓа, кажано во преносна смисла. Но, музиката што ние ја создаваме бунтот го насочува од надвор кон внатре, целта е многу јасна – себесогледување и започнување на процес на себепреобразба. Самата музика е лествица, односно средство за сопственото усовршување, а не крајна цел – вели Стојановски.

Иако нивниот албум „Невечерен ден“ е при крај со издавање, тие не планирааат промоција наскоро, барем не летово. Албумот ќе биде достапен на официјалниот јутјуб-канал, а ќе биде издадено и цеде.

– Самиот омот на албумот е палимпсест или повеќепис. Тоа е древна техника кога кожата на која што веќе има нешто напишано, се гребе за да се испише нешто друго. Нашиот пријател, Филип Иванишевиќ, кој го дизајнираше омотот запиша: „Така и вие во песните имате повеќепис, различни расположенија, различен пристап, различен жанр, ама во Христа (Словото) обединети. Затоа толку текстови еден над друг, а сепак ги врзува една буква – завршуваат членовите на „Ерихон“.

Членовите на „Ерихон“ на албумот остварија соработка и со групата „Перија“ на три песни.
– Творејќи врз темели на источно-византиската црковна музика, бевме во потрага по автентични инструменти за неа како ут, ќемане, бендир и други ориентални ударни инструменти. Кога дознавме за „Перија“ – одлуката беше брза и едногласна.

Сподели