41 домашен и 60 странски автори застапени во два броја на списанието „Раст“

Неодамна од печат излегоа два броја од Списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“ за 2022 година во издаваштво на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола. Главен и одговорен уредник на списанието е проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, а во редакцијата се и Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, а списанието се издава со поддршка од Министерството за култура.

„Раст“ веќе 21 година постои на македонската книжевна сцена и секогаш нуди содржини со високи естетски вредности. Во последно време се обидува да се пробие и надвор од Македонија, поради застапеноста на сè поголем број значајни автори од светот во превод и препев на македонски јазик.

И овој пат стандардните рубрики (Поезија, Проза, Драма и Согледби) се исполнети со наши познати книжевни имиња (вкупно 41 автор во двата броја), меѓу кои: Раде Силјан, Христо Петрески, Борче Панов, Трајче Кацаров, Никола Маџиров, Снежана Стојчевска, Петар Наневски, Михајло Свидерски, Звонко Танески, Зоран Пејковски, Славица Гаџова Свидерска, Стефан Марковски, Милчо Мисоски, Силвана Нешковска и  други.

Освен македонските, застапени се и 60 странски автори преведени на македонски јазик од вкупно 40 земји во светот. Како и минатата година, така и сега, кориците на списанијата се дизајнирани со дела на уметницата Симонида Филипова Китановска.
Списанијата во електронска форма се достапни на веб-страницата на Друштвото на писателите „Битолски книжевен круг“ – Битола.

Сподели