35 години македонистика на Шлезискиот универзитет во Полска

Полските студенти се восхитени од автентичноста на македонскиот јазик, којшто на Шлезискиот универзитет можат да го изучуваат од најосновното рамниште, а еден дел од нив продолжуваат со изучувањето на повисоки рамништа. Затоа, на вториот циклус студии, часовите по македонски јазик се одвиваат интензивно, на значително високо рамниште, а на Универзитетот има и докторанти по македонски јазик, велат од лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец, Полска.

Веќе се создаваат и нови перспективи – со заеднички проект за модерни славистички студии на Шлезискиот универзитет (Полска), Остравскиот универзитет (Чешка) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), поддржан со програмата „Еразмус +“. Како резултат на овој проект, веќе ќе може да се очекува и зголемување на интересот за македонскиот јазик, литература и култура на вториот циклус студии на Шлезискиот универзитет.

Годинава се одбележуваат 35 години македонистика на Шлезискиот универзитет во Катовице. Овој јубилеј е конкретен показател и за повеќедецениската соработка на Шлезискиот универзитет и УКИМ, важна и за македонистиката и за полонистиката.

Проектот којшто отвора и нови перспективи, а на којшто се носители и двата универзитета (полскиот и македонскиот) има за цел да се зголеми бројот на студенти на втор циклус студии преку интегрирани програми во кои се вклучени и македонскиот јазик, литература и култура. Ова и ја потврдува важноста на лекторатот по македонски јазик на Шлезискиот универзитет, којшто меѓу другото, со наставата во текот на првиот циклус студии може да овозможи поголема подготвеност на полските студенти за интегрираните програми на следното академско ниво и истовремено да биде клучна алка во успешното развивање на овие студии.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) максимално ќе се заложи лекторатот по македонски јазик во Сосновјец, Полска со целосна посветеност да го оствари својот влог во новите перспективи коишто се создаваат со овој проект, како и за натамошното развивање на соработката меѓу македонските и полските слависти, којашто може да резултира и со низа натамошни проекти, вклучително и во научната дејност.

Покрај посветеноста на наставата и високата заинтересираност за превод и толкување на книжевни текстови од македонски автори, полските студенти искажуваат интерес и за дополнителните активности во сферата на македонистиката. Меѓу нив се вбројува и настанот „Читајќи го Конески на полски“, со кој полските студенти имаа можност подобро да се запознаат со поетскиот опус на Блаже Конески и дел од него да препејат на полски јазик. Досега покажаниот интерес е поттик и обврска на лекторатот по македонски јазик, веќе да се осмислуваат и нови активности за уште поактивна вклученост на младите полски филолози коишто искажуваат интерес за македонскиот јазик, литература и култура. МСМЈЛК при УКИМ, на претстојната 55. Летна школа што ќе се одржи од 17 август до 2 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, очекува и тројца студенти од Шлезискиот универзитет и тоа токму од овој лекторат по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец, овозможувајќи им не само следење лекторска настава и предавања, туку и учество на низа настани со коишто ќе можат подобро да ја запознаат македонската култура.

Јубилејот 35 години македонистиката на Шлезискиот универзитет, во текот на претстојната академска година се очекува да биде одбележан и со одделен настан, со учество на повеќе македонски и полски слависти и македонисти, при што клучно е свое учеството да оствари и академскиот кадар од Факултетот за хуманистика во Сосновјец, на којшто повеќе професори предаваат и македонска литература и држат настава по превод. Покрај активностите по повод овој јубилеј, веќе се планираат активности и за одбележување половина век македонистика на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз, како и 15 години од лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека.

Лекторатот по македонски јазик на Шлезискиот универзитет функционира од академската 1987/88 година, на Катедрата за славистика при Факултетот за хуманистика во Сосновјец, а во моментов лекторската настава ја изведува Никола Илиевски.

 

Сподели