Германскиот уметник Марко Кројач ја заокружува едномесечната уметничка резиденција во Македонија и во работилницата на колективите Партизанска штампа и Задруга 5060, со своја прва самостојна изложба во Скопје што ќе биде отворена вечерва во 21 часот во КСП Центар Јадро во Скопје.
Поставката се состои од три сегменти:
– Експериментални платна печатени со сито импровизација, со особен фокус на Македонија и на „Меморијален Комплекс на Паднатите Борци на Револуцијата – Штип“ (Богдан Богдановиќ 1969-1974). Во нив, може јасно да се види авторската интерпретација на симболите на сонцето, исклесани во каменот на споменикот. Делата се продуцирани во изминатите две години, како и за време на тековната уметничка резиденција.

– Албум со налепници – дериват на изданието „Споменици револуције“ од 1978 година, односно извадок од истата за сегментот кој се однесува на Македонија. Оригиналните налепници се заменети со нови фотографии направени во периодот од 2011 до 2022 година.
– Споменици на револуцијата – фотографии работени во сито печат. Делата го овековечуваат и критички го рефлектираат споменичното богатство во земјата и регионот, посветено на храбрите животи положени во борбата против фашизмот.
Марко Кројач, чие вистинско име е Марк Шнајдер, живее и работи во Берлин како слободен уметник, активист, музичар, ди-џеј и хроничар. Денес е дел од мултимедијалниот колектив „Центрифуга“ од Берлин, каде активно музицира и работи со сито печат. Изложувал во Токио, Женева, Белград, Берлин, Париз и многу други градови во светот како самостоен уметник – фотограф. Повеќе од 20 години се занимава со истражување, фото хроника и архивирање на спомениците од НОБ изградени на територијата на поранешна Југославија. Досега има богата архива од фотографии на околу 700 споменици. Некои од нив повеќе не постојат.
Во 2017 година, Марко Кројач беше дел од мултимедијалниот проект „Костурница Велес“. Во 2018 година, неговата патувачка изложба „Споменици на револуцијата“ беше поставена во Кочани, Штип, Прилеп, Битола, Струга и Крушево. Во 2019 беше еден од учесниците на уметничката резиденција во Папрадиште.





