Македонска премиера на „Соло мод“ на Тамара Котевска

Краткометражниот филм „Соло мод“ на режисерката Тамара Котевска ќе ја има својата македонска премиера вечерва во 21 часот во парк МКЦ, во рамките на Фестивалот за европски филм „Синедејс“. За време на пандемијата со ковид-19 и карантинот, еден загрижен сопруг и татко креира игра со цел да ги засили врските во семејството и да ги заштити своите најмили од надворешните опасности, но набрзо тоа се претвора во „игра за еден“.

„Соло мод“ е независен краткометражен филм инспириран од ковид-19. Снимен e во 2020 година за време на рестриктивните мерки и строгиот карантин, со актерска екипа сочинета од едно вистинско четиричлено семејство и многу мала филмска екипа.

Главните улоги ги толкуваат Александар Микиќ, Весна Микиќ, а за прв пат на филм се појавуваат Иво Микиќ, Ена Микиќ, Павлина Димеска и Гоце Димески. Котевска го снимаше филмот заедно со Фејми Даут, кој работеше и на колор корекција. Монтажата е на Мартин Иванов, дизајн на звук Дарко Спасовски, додека како продуценти се потпишуваат Тамара Котевска и Илија Тирицовски. Извршни продуценти се Пеце Талески, ОХО

Продукција за Македонија и Ана Хашми, The Corner Shop за САД, а ко-продуцент на филмот е Зејнеп Атакан, Zeyno Film од Турција. „Соло мод“ е поддржан од Агенцијата за филм.

Тамара Котевска е единствената режисерка од Македонија со две номинации за Оскар за документарниот филм „Медена земја“ [2019] во ко-режија со Љубо Стефанов.

Светската премиера на филмот се одржа минатата година на 27-то издание на Филмскиот фестивал во Сараево, во официјалната селекција на кратки филмови.

По проекцијата на „Соло мод“, на програмата на „Синедејс“ ќе биде филмот „Оркестар“. Во 20.30 часот во Гала програмата ќе биде прикажан „Последен рез“ на Мишел Азанависиус на кино кров на ГТЦ. Во киното „Милениум“ во 22.30 часот ќе биде прикажан последниот филм на Кирил Серебреников „Сопругата на Чајковски“. Повеќе за програмата на денешниот ден, на следниот линк.

Сподели