„Пресек: Дама со девет камења“ е насловот на мултимедијалниот проект од ликовниот уметник Иванчо Талевски што вечерва во 20 часот ќе биде отворен во Чифте амам во Старата скопска чаршија. Тој преку цртеж, графички техники, проекции и звук, го елаборира и комплицира поимањето на минатото како материјал за да евоцира прашања од индивидуалната и колективната меморија, историја и припаѓање, нивното бележење, опстојување и бришење.
Во центарот на проектот се две збирки цртежи и нивното просторно осмислување. Почнувајќи од 2015 година, при неговите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, САД, авторот со своите цртежи изработени со јаглен ги бележи времето и просторот преку претставување на реакции од различни искуства – општествени процеси, феномени, случки и локации.
– Изработката на овие цртежи започнала како пристап на осознавање и истражување на овие две локации, овозможувајќи откривање на неочекувани вкрстувања, создавање простор кој фигурира помеѓу нештата, каде што коегзистираат различности и различни елементи, идеи, идентитети и случувања. На некој начин, цртежите претставаат почувствувани ривербрации од околината. Самата процедура потсетува на хаику поезија, во која нема рима, а елементите постојат како фрагменти што ги нагласуваат времето и просторот – објаснуваат од Националната галерија.

Паралелно со овој циклус цртежи, Талевски во форма на дијалог презентира едно свое долгогодишно истражување на изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво Марко Цепенков. Освен што бил кројач, Цепенков патувал низ многу села и градови низ Македонија и не само што запишувал усни преданија од различен карактер туку и изработувал цртежи, кои претставуваат редок пример на профан ликовен израз од ваков карактер од тој период во регионот. Цртежите од Цепенков изобилуваат со прикази на разни видови музички инструменти, дијаграми за детски игри, алати, алишта и обредни орудија.
Интерпретацијата и третирањето на архивските материјали од Цепенков се претставени преку една долгогодишна соработка, односно еден дијалог на Талевски со музичарот и композитор Васко Дуковски, кој живее и работи во Шангај. Преку свои исцртани музички нотации базирани врз избрани цртежи од Цепенков, Дуковски презентира звучен материјал, кој во соработка со Талевски е дел од аудиоинсталација која ќе биде претставена како дел од овој проект. Фокусирајќи се на изгубените цртежи на Цепенков, нивното значење, историја и потенцијална интерпретација, Талевски и Дуковски се стремат кон проучување на звукот и цртежот, третирани како медиуми за еден генеративен и имагинативен процес на интерпретација на минатото, која се манифестира во аудиовизуална интервенција.





