Скопје синоќа доживеа нешто волшебно, нешто магично со оркестарот на Филхармонијата кој под водство на диригентот Џијан Емин ја изведе музиката од филмот „Детето“ на маестралниот Чарли Чаплин. Стотици насмевнати лица занесено го гледаа делото на Чаплин, снимено во 1921 година. На две странични платна и едно централно, позади оркестарот, проекцијата на немиот филм ја комплетира оркестарот кој во живо ја изведе музиката.
На тревата пред сцената испоседнати луѓе, бебиња во колички, деца се бркаат, помлади и постари луѓе, сите со благи насмевки гледајќи го добро познатиот лик со мали мустаќи, специфичен шешир и големи, тажни црни очи кој во искинатата, неколку броја поголема облека де ја засмејува, де ја растажува публиката. Музиката ве враќа во времето, некој се сеќава на своите баби и дедовци кои како деца можеле да го гледаат само Чаплин. Други се сеќаваат на своето детство кога го гледале на МТВ, трети прв пат го гледаат – случајно се нашле во Градскиот парк. Ама немаше човек што не ужива во концертот. Занесени, дури не ја правеа вообичаената грешка да аплаудираат после секоја композиција.

Тематските концертите на отворено на Филхармонијата станаа традиционални – „Ну погоди!“, „Љубов и револуција“, посветени на Дејвид Боуви, на „Архангел“… Можеби е време и да се репризираат, барем по еден месечно во текот на летото. Затоа што прераснаа меѓу најубавите настани на отворено во Скопје.
Фото: Маја Аргакијева























