Омаж за петмина научници, бардови на македонската етнологија ќе се одржи денеска во 12 часот на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Омажот е посветен на Бранислав Русиќ, Вера Кличкова, Нијази Лиманоски, Ѓорѓи Здравев и Љупчо Неделков, по повод годишнините од нивното раѓање или смрт.
– Оваа година се навршија 110 години од раѓањето на проф. д-р Бранислав Русиќ, основоположникот на современата македонска етнологија. Лани, во текот на пандемијата која направи вакуум во сеќавањата и одбележувањата на значајни годишнини, се навршија 110 години од раѓањето на Вера Кличкова, бардот на македонската етнологија и етнолошка музеологија, пионерот на македонската визуелна етнологија и првата децениска директорка на Етнолошкиот музеј на Македонија – велат од ИЕА.
Во 2021 година се навршија 80 години од раѓањето на професорите Ѓорѓи Здравев, големиот познавач на естетиката и етнолошките вредности на народното текстилно творештво, и Нијази Лиманоски, истражувачот и посветениот општествен деец во сферата на етничките процеси во Македонија. Оваа година се навршуваат 10 години од прераната смрт на Љупчо Неделков, истражувач на народната култура и обредност на Македонците, Власите и Саракачаните.
– Сеќавањето и заборавот нè дефинираат и како луѓе и како колектив. Избирајќи што ќе памтиме, а што ќе заборавиме го создаваме општественото сеќавање, ја создаваме традицијата на којашто толку многу се повикуваме. Во традициската култура спомените за умрените се споделуваат, обновуваат и зајакнуваат на одредени денови, големи празници, какви што се задушница и Дуовден. Токму поради таа симболика, омажот се одржува спроти овие празници, како (при)сеќавање на претходниците и колегите во нашите дисциплини – велат организаторите.





