ИТ компанијата ⋮IWConnect го обнови договорот за спонзорство со Камерниот оркестар од Битола, кој постои неколку децении и со мали прекини егзистира до денес
Вложуваме во нешта што не се комерцијален производ, а се значајна основа за едуцирање на еден народ, за учење на цивилизациски вредности. За нешта кои ја облагородуваат душата, а денес толку многу ни недостигаат. Ако нема кој да поддржи вакви проекти, како ќе му дадеме смисла на животот преку уметност и култура, несвесно навлечени на кичот и просекот?!
Ова е една од причините што ИТ компанија ⋮IWConnect од Битола го обнови договорот за спонзорство со Камерниот оркестар во градот. Оркестарот постои неколку децении и со мали прекини егзистира до денес. Составен од професионалци кои дипломирале на својот инструмент, а голем дел од нив и магистирале. И покрај четиридецениското постоење, Камерниот оркестар никогаш немал статус на институција каде музичарите би биле вработени. Во интервјуто со Елизабета Мемца, жената на врвот на ⋮IWConnect.

Елизабета Мемца
Како почна соработката со Камерниот оркестар на Битола?
– И јас и мојот сопруг Алекс во детството сме свиреле во оркестар во основно училиште. И веројатно оттогаш ја сакаме класичната музика. Навистина уживам во концерти. Пред околу шест години, случајно видов плакат за концерт на Камерниот оркестар на Битола. Купив билет, бев на концерт и заминав воодушевена од тој спој на класиката и модерната музика, која диригентот и музичарите ја имаа на репертоар таа вечер. По цената на билетот ми беше повеќе од јасно дека овие луѓе тој концерт не го прават за профит, туку од некој личен ентузијазам и љубов. Со тие впечатоци заминав дома и разговарав со Алекс. Посакав да ги спонзорираме.

Концерт на Камерниот оркестар на Битола
Битола е мал град, секој со секого некако се познава, па така испадна дека драг колега е пријател со Владе – човекот кој стои зад возобновувањето на Камерниот оркестар на Битола и така започна нашата соработка. Почнавме со скромно спонзорирање, со времето го зголемуваме влогот.
Зошто е важно финансирањето на културата, ако се знае дека ова не е висококомерцијален производ?
– Кога некој ќе ме праша, зошто сè уште работиш кога имаш доволно, што уште посакуваш, до кога мислите да се ширите и слично, одговарам: Работиме токму за ова. За нешта кои не се комерцијален производ, а се значајна основа за едуцирање на еден народ, за учење на цивилизациски вредности. Ова се нешта кои ја облагородуваат душата, а денес толку многу недостига. Ако нема кој да поддржи вакви проекти, како ќе му дадеме смисла на животот преку уметност и култура, несвесно навлечени на кичот и просекот?! Да не навлегувам какво влијание има музиката, особено класичната за развојот на децата. А јас како родител навистина многу работам да му дадам на овој свет, добро воспитани и добри деца.

Конечно, општествена одговорност е на сите успешни компании и личности кои бројат успеси во животот, барем со мали напори да го направат овој свет подобар од она како го затекнале, да се сетат на своите почетоци пред да станат тоа што се денес. Тоа е единствениот рецепт за напредок. И не е така само со музиката, сетете се колку радост раѓа кај дете една обична нова лизгалка во паркот или кај човек што сака уметност, шанса да види голема изложба дома, затоа што не може да патува по светот.
Зошто избирате да помогнете таму каде што другите не гледаат некој голем интерес или профит?
– Една од вредностите на нашата компанија и став на целиот менаџмент тим е: Во знак на благодарност за тоа што ние сме создале и постигнале, несебично да вратиме каде можеме. Сегмент од успехот на ⋮IWConnect се должи на постојаното учење, на работа и на планирање, а дел е и среќа. Кога сме кај среќата, нашата доаѓа оттаму, кога некому кој со љубов си ја работи својата работа, малку да му олеснеме или помогнеме да стане уште подобар. Тоа едноставно не исполнува, и со таа девиза живееме. Културата и уметноста имаат моќ да ги разбудат емоциите, затоа што создаваат и естетско и визуелно искуство. Слушаме глас на оперски пејач, стануваме емотивни, се чувствувате посебно. Или гледаме балет, исто е…

Ако пак ги проширите емоциите во уметноста, вие не сте само како набљудувач на стадион, каде што ќе има победници и губитници, туку станувате дела од едно уметничко искуство. Од друга страна ни се доапаѓа и дискретната изложеност при спонзорирање на уметноста. Ништо не е така нападно, рекламерски.
Може да споделите некоја интересна анегдота од досегашната соработка?
– Пред некое време, низ разговор дознав дека родителите, семејствата тоа и роднините на членовите на оркестарот не добивале бесплатни карти, и заради големиот интерес, најчесто за нив не останувало ни да си купат. И така немале шанса да ги слушнат и видат своите блиски како создаваат музика. Како мајка, комплетно ја разбирам желбата да се види сопственото дете на концерт, а како менаџер исто така разбирам зошто е тоа така. Тој муабет направи црвче во моите мисли, па со оглед на фактот што решавањето на проблеми ни е предизвик, веќе почнавме да „коваме“ некои планови. Се надевам наскоро ќе најдеме иновативно и интересно решение во кое семејството и блиските луѓе на членовите на Камерниот оркестар ќе си ги гледаат своите на концерт, само за нив.

Kои се плановите во иднина?
– Одиме чекор по чекор, на долги патеки. Длабоко верувам дека заедно ќе продолжиме да растеме и да се развиваме и ќе уживаме во нови концерти, со нов репертоар и уште побројна публика. Во нашата компанија, ние шириме култура на гледање на Sci Fi филмови и на препознавање на квалитетна музика, затоа се надевам дека создаваме фанови на оваа музика од вработените, кои тие ќе ја пренесат на своите деца. И така во недоглед со една цел полека да се враќаме кон препознавање на вистинските вредности. Истовремено, се радуваме на овој оркестар, на Владе и музичарите кои тој вешто ги раководи под својата диригентскиот палка и има идеи за идни музички соработки. Нивното постоење го облагородува градот и неговите жители. Благодарни сме што сме современици, што ние можеме да помогнеме, тие да творат и сите заедно да уживаме во ова наше време.





