Христо Петрески е нов претседател на ДПМ – ветува реновирање на просториите, награди, гостувања

Членови на претседателството се: Весна Мојсова Чепишевска, Васил Тоциновски, Зоран Анчевски, Јулијана Величковска, Славчо Ковилоски, Лилјана Пандева, Владимир Мартиновски, Александра Јуруковска и Марина Мијаковска

Христо Петрески е новиот претседател на Друштвото на писателите на Македонија откако доби 8 гласа повеќе од противкандидатот Живко Грозданоски на вчерашното Изборно собрание на писателската асоцијација. За претседател на Собранието е избрана единствената кандидатка Кристина Николовска која добила 69 гласа, а за членови на претседателството се избрани: Весна Мојсова Чепишевска, Васил Тоциновски, Зоран Анчевски, Јулијана Величковска, Славчо Ковилоски, Лилјана Пандева, Владимир Мартиновски, Александра Јуруковска и Марина Мијаковска.

Во програмата Петрески најавува примање на нови членови во ДПМ секоја година и почесни членови од земјава и странство, нов адресар на членовите кои гласилото „Стожер“, издание на Друштвото, ќе го добиваат бесплатно на своите домашни адреси во печатена форма.
– Покрај постоечките награди, предлагам да се воведе и награда за драмски дела, која може да го носи името на Горан Стефановски, како истакнат и познат драмски писател кај нас и во светот.

Христо Петрески / Извор: Јутјуб

Исто така, наградените дела и целата едногодишна продукција ќе бидат претставени на посебни тематски настани, а не само заеднички и еднократно на самиот ден на врачувањето на наградите – најавува Петревски во својот мандат.

Тој предлага дисперзирање на активностите на ДПМ – секоја година да се одржат најмалку десет читања со писатели од матичните средини и гости – учесници од другите градови. Членовите на ДПМ ќе учествуваат на манифестациите: Струшки вечери на поезијата, Рацинови средби, Караманови средби и други.
– На Саемот на книгата во Скопје, задолжително ќе настапат и писателите – членови на ДПМ и тоа на свеченото отворање – вели Петрески во програмата.

Петрески најавува промоции во просториите на ДПМ, потпишување спогодби за соработка со сродни асоцијации од странство, гостувања на македонските писатели во Македонските културни центри во Софија, Њујорк, Тирана, но и во Русија, Србија, Хрватска, Шведска и други места. Предлага трибини на актуелни теми, збогатување на издавачка дејност со антологиски изданија за современата македонска поезија, проза, критика, есеј, драма и творештво за деца и млади.
– Просториите на ДПМ ќе бидат реновирани и претворени во отворено привлечно и работно катче. Во нив секојдневно ќе можат да се случуваат работни средби, но и прогодни книжевни настани: промоции, трибини, дебати, тркалезни маси, конференции за печат и слично – ветува новиот претседател.

Архива на ДПМ

Досегашната претседателка на Друштвото, Соња Стојменска-Елзесер ги сумираше резултатите од нејзиниот четиригодишен мандат.
– Изминатите четири години беа прилично тешки за работа, првенствено поради пандемијата, која околу две години ги парализираше книжевните настани во затворени простории. Сепак, и во такви услови, ДПМ не ги прекина своите основни активности, туку оствари успешна реализација на својата програма – вели Стојменска-Елзесер.

Таа ги наброја активностите во кои Друштвото беше активно вклучено.
– Во неколку наврати се појавував во медиуми со реакции, особено во знак на одбрана на македонскиот јазик од нападите на соседите, но и воопшто, со погледи и ставови за македонската книжевност и култура и особено за местото и угледот на авторот во современото општество. Се трудев да ја извршувам доверената задача професионално и најдостоинствено што можев. Им благодарам на сите што учествуваа во активностите на ДПМ во овој четиригодишен период. Некогаш бев разочарана од малата поддршка, некогаш морав да прифаќам компромиси, но секогаш ме водеше мислата дека е неопходна соработка и заемна почит меѓу писателите творци, не само за остварување на програмски содржини, туку уште повеќе за решавање проблеми, кои секојдневно се испречуваат пред нас – вели Стојменска-Елзесер.

(В.И.И.)

Сподели