Мислете на себе! Само здрав човек е среќен човек, вели Илија Николовски

Емисијата „Фактор здравје“ која се емитува на „ТВ 24“ одбележа 10-годишен јубилеј, 11 сезони постојано емитување или 2.220 емисии

Пишува: Александра Јуруковска

Од понеделник до петок оваа емисија оди во живо, со гостин, и тоа веќе десет години. А обработува теми од областа која сите нè засега – здравјето. На 23 јануари, емисијата „Фактор здравје“ која се емитува на „ТВ 24“ одбележа 10-годишен јубилеј или 11 сезони постојано емитување или 2.220 емисии. За развојот и растот на емисијата и предизвиците што ги носи разговараме со нејзиниот автор и водител, Илија Николовски.

Колку нешта се исти, а колку се променија низ овие години?

– Емисијата и концептот од почетокот се идентични. Она што се менуваше низ годините е времетраењето. Па од 15 мин до сегашниот простор од 45 минути. Многумина не сакаа и не можеа да сфатат за каков сериозен предизвик и телевизиски проект стануваше збор, зашто „Фактор здравје“ од почетокот до денес се емитува секој ден од понеделник до петок, во живо, со гостин во студио и секој ден со различна тема и различна специјалност од медицината во однос на претходниот ден. Добивав коментари: каде ќе наоѓаш гости доктори секој ден, кој ќе доаѓа, како тоа ќе изгледа. Но, бев свесен за предизвикот и можноста да работам нешто ново и еве, сè уште го работам.

Илија Николовски

Кои теми и прашања се најголем предизвик?

– Секоја емисија е предизвик сам за себе, а најголем – да го пренесеме пред публиката она што со гостинот сме го договориле. Предизвик ми е и секој нов гостин, кој за прв пат гостува во емисјата или никогаш претходно не застанал пред камера. На гостите им нагласувам дека сакам да презентираат клинички, т.е. сопствени искуства и гледишта достапни само на нивните колеги и тимот со кој работат.

Според Вас, која е основната мисија на „Фактор здравје“?

– Целата на „Фактор здравје“ е да презентира тема и референтен лекар кој таа тема најдобро или најискуствено ја познава. Доколку во текот на емисијата или после неа има јавувања, има интерес, целта е постигната. Има ситуации кога познати и непознати луѓе ме бараат лично или пишуваат на социјалните мрежи да им препорачам референтно лице за одреден здравствен проблем.

Важите за човек кој посветено се подготвува за секоја тема. Како се одржувате во кондиција?

– Во слободно време пливам, возам велосипед, ги полнам батериите во кругот на семејството, се дружам со блиски луѓе. Веќе 27 години работам во телевизија и мојот принцип на работа и професионалност не е сменет, само се надградува. Средбата и личниот контакт со гостите го сфаќам за огромна предност и почит кон соговорниците. Таа подготовка за мене е најдрагоцена, зашто тогаш можам да го увидам карактерот и нивниот телевизиски потенцијал. Ме радува што после толку години сè уште има лекари кои не ми биле гости и кога ќе им се јавам во нивната боја на гласот чувствувам пријатност.

Имате ли омилена емисија, но и таква која би сакале да ја избришете од меморија?

– Има две емисии, кои можеби би ги снимил одново. Тоа беа двајца хирурзи кои за 5-6 минути одговорија сè што имавме договорено да кажат, набрзина и со голема возбуда и трема. Бев подготвен, па надополнив со поопшти прашања од нивната специјалност. Постојат и емисии кои би сакал да се репризираат, оние со анегдоти од гледачите и нивни прашања до гостите. Една гледачка со проблем со тироидната жлезда го праша гостинот дали неможноста да го игра Пајдушкото оро е поради проблемите со жлездата. Докторот одговори дека тоа е можно и затоа како совет ѝ препорача да игра некое полесно оро.

Би сакал постхумно да се репризира и една од трите емисии со проф. д-р Борислав Каранфилски, специјалист по нуклеарна медицина, научник и дел од првата генерација на студенти на Медицинскиот факултет во Скопје, кој воедно беше и највозрасниот гостин досега. Сакам да се репризира и јубилејната 2000. емисија од 31 јануари 2021 година, која траеше 2 часа и во која имавме петмина гости.

„Фактор здравје“ е една од ретките авторски емисии кај нас која има континуитет од десет сезони. Зошто вакви проекти тешко опстојуваат кај нас?

– Поради односот и финансиите. Односот на релација автор-водител и претпоставе и довербата која се гради се клучни. Тука се и условите на работа, средината и колегијалната атмосфера. Финансиите се тие кои даваат сигурност и ветар во грб. На мое задоволство „Фактор здравје“ е копродукција. Продуцент на емисијата е Дејан Стефков со кого веќе имаме изградено доверба. Од него и потекна идејата за ваков проект на кој се надоврза и реализаторот Кети Поповска со која работиме како тандем. За нешто да е успешно, за да трае и да одржи ниво и актуелност потребен е тим, желба, истрајност и професионализам.

Да бевте доктор, која ќе беше Вашата област?

– Неврологијата. Мозокот е толку истражуван, а толку непознат, тој е вистинска енигма и за лекарите. Не постои тема или специјалност за која не сакам да зборуваме. Напротив! Сакам да отворам и теми за кои воопшто или многу малку се зборувало: сексуалниот живот, сексуалното здравје, малигните болести, ин витро оплодувањето, промената на полот. Болестите за кои нема лек се болни за дискусија, но тие треба да поттикнат свесност за редовни контроли, навремено откривање и поквалитетен живот.

Која е најголемата лекција што ја научивте од емисијата?

– Превенцијата. Подобро е да се превенира, отколку да се лекува, тоа е и најефтино и најисплатливо. Тоа го докажува и мотото на емисијата: Мислете на себе! Само здрав човек е среќен човек! Превенција значи спортување, дружење, комуникација, патување, здрава исхрана, редовно пиење вода, хигиена на сон. Ова го зборувам и од сопствено искуство.

Сподели