Величествен концерт завчеравечер се случи во Филхармонијата. Звуците на ориентот донесени во Скопје преку волшебниот уд на либанскиот музичар Марсел Калифе, но одлично поткрепени со оркестарот на Филхармонијата и извонредниот хор „Про Арс“, под раководство на диригентот Сашо Татарчевски.
На нашата музичка сцена ретко имаме можност за вакво музичко доживување. Либанскиот виртуоз на уд, кој направил револуција со изведбата и значењето на овој инструмент во арапскиот свет, ја шири мисијата во цел свет. Без разлика на непознатиот јазик, емоцијата со која ја донесе музиката што ја изведува 50 години низ цел свет, е незаборавна.

Ремек-делото Chants of the East (Sharq) за оркестар и хор звучеше величествено. Диригентот Лубнан Балбаки од Либан го имаше комплетното владение врз музичарите, хорот, публиката… Сите тие ни приуштија интересно патување, такво какво што може да најдеме во „Приказните на Шехерезада“.
Марсел Калифе е светско име, уметник на УНЕСКО, рушач на бариери. Ова е голем чекор на Филхармонијата, која со секој нареден концерт ни покажува колку пораснала и колку е подготвена да влегува во големи проекти.
Следниот концерт на Филхармонијата е на 11 февруари, насловен „Француски бакнеж“. Диригент ќе биде Џијан Емин, а ќе настапат Ана Кап Трио од Франција, а гости ќе бидат Оливие Самуијан на виола и Бети Жарден, вокал.
Фотографии: Маја Аргакијева











