Нуркачите Никола Паскали и Игор Буловски од Нуркачкиот центар „Акватек“ од Охрид ја дочекаа Новата 2022 година во водите на Охридското Езеро. Целта им беше да упатат порака за максимална заштита на езерото и водите во Македонија, воопшто.
– На брегот бевме во 23:45 каде ги финализиравме подготовките. Го дочекавме огнометот, чукна 00:01 и зануркавме. Нуркањето траеше 40 минути на температура од 8 степени Целзиусови. Чувајте ја водата, живот е. Во иднина сакаме прослава без огномет, без барут. Денес имаме толку многу развиена технологија што веднаш може да се најде соодветна замена за истиот. Треба да имаме поголема почит кон животните и животната средина – вели Паскали.





