Дела од енформелската лабораторија на Родољуб Анастасов во Музејот на град Скопје

Во галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“ во Музејот на град Скопје вечерва во 19 часот ќе биде отворена годишната изложба од колекцијата на дела од Анастасов. Ќе бидат изложени 40-ина дела од најзначајните циклуси на авторот. Тие се дел од колекцијата на галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“, вредна донациска збирка која брои околу 400 дела од различни временски периоди (од 1957 до 2010).

– Збирката претставува своевиден пресек на повеќе ликовни стилови и тенденции во современата македонска ликовна уметност. Овие дела се белег за автентичниот и единствен по многу особености креативен опус на Анастасов – велат од Музејот на град Скопје.

На вечерашната изложба ќе бидат претставени импресивните цртежи на Анастасов од циклусите Почеток, Делување на елементите, Промена на обликот, Трансфигурирање, сите изведени во техника – туш на хартија, создадени во периодот помеѓу 1957 – 1960 година, и кои припаѓаат на т.н. енформелска лабораторија.

Сподели